НЕДВИЖНОСТИТЕ ВО ЕУ ВОН КОНТРОЛА Една земја ги урна сите рекорди, купувањето стан стана луксуз
Податоците на Евростат покажуваат дека трендот на раст на цените и кириите продолжува, при што Унгарија е апсолутен рекордер, а Финска единствен исклучок.
Пазарот на недвижности во Европската Унија забележа значителен раст во третиот квартал од 2025 година, при што цените на становите пораснаа за 5,5 отсто, а станарините за 3,1 отсто во споредба со истиот период лани.
Според денеска објавените податоци на Евростат, трендот на поскапување продолжува и на квартално ниво. Во однос на вториот квартал од 2025 година, цените на недвижностите се зголемени за 1,6 отсто, додека станарините пораснале за 0,9 отсто.
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во Европската Унија во просек пораснале за дури 63,6 отсто, додека закупнините се зголемиле за 21,1 отсто. Додека кириите во изминатата деценија бележат стабилен и континуиран раст, кај цените на становите се евидентирани периоди на стагнација, проследени со фази на исклучително брз раст.
Најголем рекордер по поскапување е Унгарија, каде цените на становите од 2015 година наваму пораснале за неверојатни 275 отсто. Покрај Унгарија, цените на недвижностите се зголемиле двојно во уште 11 земји-членки, при што на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, со раст од над 150 отсто.
Единствен исклучок од овој тренд е Финска, каде цените на недвижностите денес се за два отсто пониски во споредба со нивото од пред една деценија. Кога станува збор за станарините, најголем раст повторно е забележан во Унгарија, со зголемување од 107 отсто, а значително поскапување има и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска.