ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ЌЕ ЗАПЛЕНУВАЛЕ АМЕРИКАНСКИ БАЗИ, АМА САМО ВО ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ Претстои ли итен крах на НАТО поради Гренланд?
Дали европските лидери навистина се заканија со итен распад на НАТО и заплена на американски воени бази поради Гренланд?
Во некои медиуми и на социјалните мрежи се појавија тврдења дека европските лидери, реагирајќи на обновените изјави од Вашингтон за можноста САД да воспостават контрола врз Гренланд, се заканиле со „итен колапс на НАТО” и со заплена на американски воени средства низ Европа.
Станува збор за сериозни наводи, кои, доколку се точни, би имале далекусежни безбедносни и геополитички последици. Фактите, меѓутоа, покажуваат поинаква слика.
Европските лидери, пред сѐ од Данска, Франција и Германија, јавно и недвосмислено ја поддржаа позицијата дека Гренланд не може да биде предмет на еднострана одлука или договор без согласност на Данска и народот на островот. Данската премиерка Мете Фредериксен јасно порача дека евентуален вооружен притисок или напад врз територија на НАТО-сојузник би значел сериозно уривање на темелите врз кои почива Алијансата.
Таквите изјави се однесуваат на принципиелната позиција дека НАТО не може да функционира ако една членка употреби сила против друга.
Сепак, во ниту една официјална изјава, документ или настап на европски лидер не се споменува формален, итен распад на НАТО, ниту пак постои закана за конфискација или заплена на американски воени бази и средства во Европа.
Тврдењата за „итен колапс” на Алијансата и за заплена на американски воени капацитети се појавуваат исклучиво во неофицијални објави на социјалните мрежи и во интерпретации кои не се поткрепени со проверливи факти или кредибилни извори.
Станува збор за мешавина од реални дипломатски предупредувања и сериозно преувеличени, непотврдени сценарија. Европските лидери навистина предупредија дека евентуален напад врз Гренланд би ја разнишал суштината на НАТО, но не постои доказ дека се заканиле со негов итен распад или со мерки какви што се споменуваат во овие тврдења.