„ЖЕНА СО ИСПРАН МОЗОК, САМАТА СИ Е ВИНОВНА…“ За убиството во Минеаполис Џеј Ди Венс ја обвини жртвата

Венс ги критикуваше медиумите, обвинувајќи ги дека погрешно ја претставуваат Гуд како невина жртва и ја загрозуваат безбедноста на полицајците.

540

Американскиот потпретседател, Џ.Д. Венс, денеска изјави дека инцидентот што се случи за време на интервенцијата на службениците на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) во која 37-годишна жителка на Минеаполис го загубила животот е резултат на „трагедија што самата ја предизвикала“.

Тој ги обвини левицата, демократите и медиумите за, како што изјави, поттикнување насилство и ширење тензии во јавноста, иако официјалната истрага за случајот сè уште е во тек.






Американските медиуми пренесуваат дека потпретседателот Венс овие ставови ги изрази за време на обраќање во салата за брифинзи во Белата куќа и преку социјалните медиуми, во време кога протестите за убиството на Рене Гуд се проширија во неколку американски градови.

Гуд беше убиена за време на операција на агенти на ИЦЕ кога се обидела да избега со автомобилот од проверка.

Потпретседателот на САД рече дека не е загрижен за влијанието на неговите изјави врз истрагата, наведувајќи дека снимките што ги видел од инцидентот ја потврдуваат неговата позиција.

Тој процени дека Гуд го забрзала возилото и го удрила полицаецот, иако од достапните видео снимки не е јасно дали дошло до контакт.

Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, претходно изјави дека тврдењата за самоодбрана на полицајците, врз основа на видеото, се „апсурдни“.

Ванс рече дека е тажен од смртта на Гуд, но ја опиша и како жена со „испран мозок“ и „жртва на левичарска идеологија“.

Тој изјави дека истовремено може да ја смета смртта за трагедија и да ја гледа како последица на постапките на екстремната левица, која ја обвини за поттикнување непријателство кон полицијата.

Неговите изјави дојдоа откако секретарката за национална безбедност Кристи Ноем и претседателот на САД, Доналд Трамп, оценија дека постапката на полицаецот била „оправдан чин на самоодбрана“.

Трамп тврдеше дека Гуд „намерно прегазила“ полицаец од Министерството за внатрешна безбедност, иако снимката не го покажува тоа јасно.

Администрацијата на Трамп го постави сузбивањето на криминалот и имиграцијата во демократските градови како една од главните цели во својот втор мандат, распоредувајќи федерални трупи и членови на Националната гарда, додека ја разгледува можноста за активирање на Законот за бунт.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека администрацијата ќе „ги удвои напорите“ за справување со најопасните криминалци и оцени дека смртта на Гуд е резултат на „злокобно левичарско движење“.

За време на обраќањето, Венс ги критикуваше медиумите, обвинувајќи ги дека погрешно ја претставуваат Гуд како невина жртва и ја загрозуваат безбедноста на полицајците.

Тој рече дека одговорност на администрацијата е да ги заштити агенциите за спроведување на законот и додаде дека „најдобриот начин за смирување на тензиите“ е да се решат политичките несогласувања на изборите.

Поврзани содржини