ЗОШТО МАКЕДОНСКИТЕ РИБОЛОВЦИ ПЛАЌААТ НАЈСКАПИ ДОЗВОЛИ ВО РЕГИОНОТ? Високите цени го зголемуваат нелегалниот риболов

Со која логика македонскиот риболовец плаќа 600% поскапа дозвола од бугарскиот? Природата и спортот не смеат да бидат луксуз резервиран само за тие со длабок џеб - велат од иницијативниот одбор на петицијата.

2,000

Рекреативните риболовци од цела Македонија покренаа иницијатива и онлајн петиција со која бараат итно да се преиспита Законот за рибарство и аквакултура. Главната причина за незадоволството се високите цени на дозволите, кои го рангираат рекреативниот риболов во Македонија како најскап на целиот Балкан.

Здружението на риболовци спортски клуб „Рибарски приказни“ од Скопје, поддржано од повеќе од 1.260 потписници на онлајн петиција, алармира за неодржливата состојба со рекреативниот риболов во државата.






Риболовот станува луксуз, а не спорт

Додека во соседните земји риболовот се поттикнува како здрава навика и еко-туризам, во Македонија тој станува недостапен за обичниот граѓанин. Според податоците собрани од риболовната заедница, македонскиот риболовец плаќа драстично повеќе од своите колеги во регионот. Кој колку плаќа за риболов во регионот?

Македонија: 9.000 денари (Рекорд на Балканот)

Србија: ~4.600 денари (двојно поевтино)

Хрватска: ~3.700 – 6.000 денари (поевтино дури и во ЕУ)

Албанија: ~1.800 денари

Бугарија: ~1.500 денари (6 пати поевтино од МК)

Што бараат риболовците?

Преку оваа петиција, упатена до Собранието на РСМ и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се бара: намалување на цените и нивно усогласување со економскиот стандард и регионот, важност на дозволите од 365 дена (наместо тековниот систем до крајот на календарската година) и посебни повластици за младите и за пензионерите.

Риболовците бараат да знаат каде завршуваат нивните пари, со оглед на тоа што многу води се преловени, узурпирани со мрежи и без соодветна чуварска служба.

– Со која логика македонскиот риболовец плаќа 600% поскапа дозвола од бугарскиот? Природата и спортот не смеат да бидат луксуз резервиран само за тие со длабок џеб – велат од иницијативниот одбор на петицијата.

Риболовците предупредуваат дека високите цени го зголемуваат нелегалниот риболов и го уништуваат еко-туристичкиот потенцијал на земјата. Тие најавуваат дека нема да застанат со петицијата и бараат итна средба со надлежните институции. Од ЗРРСК „Рибарски приказни“ најавуваат дека доколку надлежните не покажат слух за овие барања, иницијативата ќе се прошири со поддршка од сите риболовни здруженија во државата и масовни протести.

 

Поврзани содржини