ЗЕЛЕНСКИ ИМ ПРЕДЛАГА НА АМЕРИКАНЦИТЕ ДА ГО ГРАБНАТ И КАДИРОВ Чеченскиот лидер му врати дека „нема машкост“
Таквата операција би можела да влијае на руското раководство, смета украинскиот претседател.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика САД да го засилат притисокот врз Русија со киднапирање на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, по истиот терк како со венецуелскиот претседател Николас Мадуро, велејќи дека таквата операција би можела да влијае на руското раководство.
„Еве, еве еден пример со Мадуро. Да, тие спроведоа операција. Сите ги видоа резултатите, целиот свет. Го направија тоа брзо. Па, нека спроведат некаква операција врз овој, како што се нарекува, Кадиров“, изјави Зеленски.
Рамзан Кадиров му одговори на украинскиот претседател преку својот канал на Телеграм.
„Забележете дека тој дури и не се закани дека ќе го стори тоа самиот. Тој претпочита да остане настрана и да гледа од безбедно растојание. Ме става на списокот на барани лица и воведува санкции, а сега бара помош од Американците, велејќи: „Ако не помогнавте со оружје, барем киднапирајте го Рамзан“. Зачувај си го образот и не се понижувај. Кога во тебе ќе имаше барем трошка машкост, ќе разбереше колку понижувачки звучат твоите зборови и барања“, напиша Кадиров.
Ова не е прв конфликт меѓу Кадиров и украинските власти. Службата за безбедност на Украина (СБУ) претходно го прогласи Кадиров за барано лице, обвинувајќи го за спроведување „агресивни воени дејствија“ и кршење на законите и обичаите на војување.