ПИРОТЕХНИКА ГО ЗАПАЛИЛА ПЛАФОНОТ Најмалку 40 мртви, над 100 повредени во пожарот во Кран Монтана

Италијанското Министерство за надворешни работи повикувајќи се на локалните власти во Швајцарија соопшти дека најмалку 40 лица загинале, додека околу 100 лица се повредени.

3,881

Италијанското Министерство за надворешни работи повикувајќи се на локалните власти во Швајцарија соопшти дека најмалку 40 лица загинале, додека околу 100 лица се повредени. Министерството додаде дека проверува дали има италијански државјани меѓу загинатите или повредените во пожарот што во новогодишната ноќ се случи во зимувалиштето Кран Монтана во Швајцарија.

Швајцарските власти сè уште не го потврдија точниот број на смртни случаи. На прес-конференција, шефот на полицијата зборуваше за неколку десетици мртви. Властите сè уште ја истражуваат официјалната причина за пожарот.






Италијанското министерство соопшти и дека многу од жртвите не можат да бидат идентификувани во моментов поради тешки изгореници на нивните тела.

Италијански хеликоптер за цивилна заштита со спасувачка екипа беше распореден за да им помогне на локалните власти во кантонот Вале во Швајцарија.

Пожарот избувна околу 1.30 часот во барот „Констеласион“.

Швајцарски медиум ја пренесува изјавата на Мелко(19), додека стои опкружен со пријатели и чека вести за еден од неговите братучеди.

Мелко бил во текот на вечерта. Тој опишува што видел во барот: според неговото сведочење, кое се совпаѓа со сведочењето на друг сведок, пиротехничките направи поставени на шишиња со алкохол предизвикале пожар на таванот.

Според него, таванот многу брзо се запалил, што потоа довело до паника и брзање кон излезот од салата. Салата се наоѓа во подрумот, а до влезот се стигнува преку скали што водат до ходник.

Еклеси Анреа, домар на зградата до барот, ги примил евакуираните станари од зградата каде што се наоѓа барот.

Тој и неговата сопруга беа разбудени од вресоци.

– Луѓето врескаа, видовме црн чад, мирисаше ужасно. Брзата помош и пожарникарите пристигнаа многу брзо. Се облековме и се симнавме долу. Жителите на зградата излегоа во паника, се плашеа дека пожарот ќе се прошири на зградата. Многумина дојдоа кај нас, луѓето беа во паника. Им направивме кафе и останавме со нив до 4 часот наутро – опиша тој.

Членовите на семејствата на исчезнатите се упатуваат кон Конгресниот центар „Реган“ во Кран Монтана, каде што властите поставија приемен центар. Родителите и членовите на семејствата доаѓаат во зградата со надеж дека ќе добијат информации за судбината на своите најблиски.

– Тој го нема. Никој не знае каде е – извикува мајка што плаче и го бара својот син.

Повредените од кантонот Вале се транспортираат во болници во францускојазичниот дел на Швајцарија.

Болницата HUG, каде што првото повредено лице беше примено во текот на ноќта, се подготвува да прими дополнителни пациенти.

– Проценката на ситуацијата е во тек – соопшти болницата во Женева.

Катастрофата доаѓа во време кога болниците веќе се соочуваат со исклучително голем број интервенции, кои вклучуваат сезонски грип, празници и зимски несреќи.

Службениците ги замолија луѓето да бидат дополнително внимателни и да не бараат медицинска помош освен ако не е потребно.

Населението е покането да избегнува секаков вид ризик денес од солидарност, за да не се стави дополнителен товар врз веќе презаситениот здравствен систем.

Берн, 1 јануари 2025 (МИА) –

 

Поврзани содржини