Скотови од кланот Дубаи, опасен сум и вооружен до заби – моите оружја се упорноста, знаењето и зборовите!
Јавно ги известувам министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, како и сите надлежни службеници во полицијата, за следново – ако случајно бидам повикан на каков било „службен разговор“ во врска со лажната и ступидна пријава на СДСМ, нема да дојдам доброволно. Не прифаќам таков цензорски притисок и закана со полициска репресија. Значи, ако инсистираат на тоа, ќе мора да ме уапсат!
СДСМ вчера соопшти дека поднел пријава во полиција против мене, поради, како што наведуваат во пријавата, „загрозување на сигурноста преку јавна закана“.
Пријавувачот тврди дека во авторски текст на порталот Плусинфо, но и преку објави на социјалните мрежи, сум упатил „директни закана по животот и телесниот интегритет на членови на СДСМ, но и претседателот на партијата“, со зборовите „ве чекам на нишан“.
СДСМ се обидува да ги изманипулира полицијата и јавноста, тврдејќи дека овие зборови биле „закана“ и не можеле да се сфатат „пежоративно, ниту во каков било друг контекст, освен како директна закана од употреба на оружје“.
Уште еден „доказ“ за тоа дека мојата божемна „закана“ била „класично загрозување на сигурноста“ според член 144 од Кривичниот законик, е објавената фотографија на која сум јас „со оружје“, за која СДСМ барем кажува дека е „креирана“, што е единствената вистина во оваа комична и лажна пријава.
Како и да е, СДСМ бара полицијата да спроведе „службен разговор“ со мене и „други законски дејствија“, за да ме спречела да ја реализирам „заканата“.
Во одговор на оваа лажна пријава, што го упатувам јавно, сакам прво да ги известам министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, како и сите надлежни службеници во полицијата, за следново – ако случајно бидам повикан на каков било „службен разговор“ во врска со оваа лажна и ступидна пријава, нема да дојдам доброволно!
Тој најавен „службен разговор“ го разбирам како непримерен цензорски притисок врз мојата слобода на изразување и отворена закана со полициска репресија.
Тоа нема да го прифатам!
Значи, ако полицијата одлучи да инсистира на таков разговор со мене, ќе мора да ме уапси и да ме приведе.
Сметам дека во МВР има доволно нормални луѓе со елементарно познавање на македонскиот јазик, како и други капацитети, за да го разберат значењето на моите зборови упатени кон СДСМ „ве чекам на нишан“, во контекстот во кој се цитирани и во пријавата.
Точно е дека тие зборови немаат пежоративно значење, што, пак, укажува дека ступидниот пријавувач не го разбира ни значењето на зборот „пежоративно“.
Но, неспорен факт, што го препознаваат сите елементарно писмени читатели, е дека моите зборови кои во пријавата се оценети како „заканувачки“, се употребени во преносно (метафорично) значење. Ако на полицијата ѝ е тешко да го разберат тоа значење – во што се сомневам, таму сепак има образовани луѓе – им предлагам со едноставно пребарување на интернет да го пронајдат значењето на зборот „нишан“ во Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Евентуално, ако тоа не е доволно, можат да консултираат јазични експерти какви што има во МВР, или дури и независни експерти.
Исто така, полицијата може да утврди дали постои судска пресуда, обвинение, пријава или каков било друг запис, кои би посведочиле за некои мои други закани со оружје, за евентуална реализација на такви закани и за каков било друг облик на насилно поведение од моја страна.
Дополнително, полицијата може самата да се увери дека не поседувам, ниту ми е достапно какво било оружје. За таа цел, спремен сум на полициски службеници да им овозможам и преглед во мојот стан, во службените простории на Плусинфо, во мојот автомобил или на кое било друго место, каде што пријавувачот се сомнева дека можеби го чувам моето „оружје“.
Конечно, со полицијата, но и со секој љубопитен читател, можам да ја споделам постапката и промптот со чија помош, со алатките на вештачка интелигенција, ги креирав фотографијата и видеото што толку многу ги исплашиле Венко Филипче и неговата екипа на Бихаќка.
Со еден збор, полицијата може самата, без никаков „службен разговор“ со мене, кој би бил само форма на притисок каков што посакува СДСМ, да утврди дека сите наводи од пријавата на СДСМ за „закана“ од моја страна се лажни.
Ја повикувам полицијата итно да го стори тоа, имено да ја утврди вистината и за својот наод да ме извести мене, вознемирените Венко Филипче и други членови на СДСМ, како и јавноста.
Вистината е дека не сум се заканувал никому, но вистина и е тоа дека навистина сум опасен и вооружен до заби – ама моите оружја се упорноста, знаењето и зборовите!
А зборовите коски немаат, нели, ама коски кршат!
Еве уште една метафора, уште една реченица којашто неписмените од СДСМ ќе ја протолкуваат како „закана по животот и телото“, па може да стокмат нова ступидна пријава.
И затоа, ќе повторам, за да нема недоиумици: и понатаму ги чекам сите глупандерски соопштенија на СДСМ на нишан, што ќе рече со втренчено внимание, наострен и орен за борба по принципот „на книга со книга“.
Требаше да им каже Зоќе да не се закачаат со мене …
ПС. На двете претставки на СДСМ до Судот на честа на ЗНМ, за кои Судот ме извести вчера, ќе одговорам во писмена форма, во рокот што ми е зададен, а потоа ќе учествувам и во расправата на седницата на која ќе се решава за претставките. Се надевам дека ќе бидам уредно поканет.