РЕТКИТЕ МЕТАЛИ И ЖЕЛЕЗНАТА РУДА ИМААТ ПРИОРИТЕТ Шведска сели цел град на нова локација
Кируна е основана пред 125 години токму поради рударските операции на државната компанија LKAB и денес, освен рударството, е позната и како важен европски вселенски центар.
Шведска на 145 километри во Арктичкиот круг прави една од најрадикалните урбани трансформации во светот – целиот град Кируна – зграда по зграда, се сели на нова локација. Градот мора да се пресели поради слегнување на земјиштето предизвикано од проширувањето на најголемиот подземен рудник за железна руда во светот. Новиот Кируна се гради 3 километри источно, а целиот процес треба да биде завршен до 2035 година.
Кируна е основана пред 125 години токму поради рударските операции на државната компанија LKAB и денес, освен рударството, е позната и како важен европски вселенски центар.
Иако LKAB е помал играч на глобално ниво, тој е исклучително важен на регионално ниво бидејќи обезбедува 80% од вкупната железна руда што се ископува во Европската Унија. Покрај железната руда, која е клучна за производството на челик, компанијата неодамна откри едно од најголемите европски наоѓалишта на ретки земни метали, со што дополнително ја зајакнува својата позиција во снабдувањето на Европа со суровини потребни за зелената транзиција.
Сепак, успешното преселување на Кируна се соочува со бројни пречки. Општината и LKAB бараат поголема финансиска поддршка од државата и ослободување на повеќе земјиште за градба. Во исто време, постои загриженост за влијанието на рударството врз одржливоста на заедницата, особено врз традиционалното одгледување ирваси и културата на домородниот народ Сами.
Проектот, планиран од 2004 година, се најде во центарот на светското внимание во август оваа година кога беше преместена познатата градска црква. Во неверојатен подвиг на инженерството, 113-годишната дрвена структура со тежина од речиси 700 тони беше транспортирана во едно парче на новата локација.
Компанијата LKAB објави дека проширувањето на рудникот ќе бара преместување на дополнителни 6.000 луѓе и 2.700 домови, со проценети трошоци од 2,4 милијарди долари во следните 10 години.
На жителите им се нуди зголемување на пазарната вредност на имотот за 25% или изградба на нов дом, при што околу 90% од нив се одлучуваат за нов дом.
Матс Таавенику, претседател на општинскиот совет во Кируна за CNBC, го опишува преместувањето како „огромен проект“ што би можел да донесе големи можности за Европа. Сепак, тој истакнува дека успехот зависи од посилна финансиска и политичка поддршка од шведската влада и Европската Унија.
– ЕУ мора да ја засили својата поддршка. Не е доволно да се донесе одлука дека имаме критични и стратешки минерали. Тие мора да нè поддржат со политички изјави и, секако, со пари – вели тој.
Европската Унија, од своја страна, го призна наоѓалиштето на ретки метали на компанијата ЛКАБ како стратешки важно како дел од Законот за критични суровини, чија цел е домашното производство да задоволи 40% од годишните потреби до 2030 година.