ГРЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ СЕ ПОДЕЛИЈА ОКОЛУ ПРОТЕСТИТЕ Владата го искористи моментот и ги повика на преговори

Иницијативата на 18-те групи беше критикувана од други демонстранти, особено во Тесалија, главниот земјоделски регион на Грција.

226

Грчката влада денеска ги покани земјоделците на преговори, по иницијатива на 18 групи демонстранти и задруги за започнување дијалог.

Портпаролот на владата, Павлос Маринакис, рече дека е охрабрувачки што се повеќе претставници на земјоделците што протестираат ја препознаваат потребата од дијалог, додавајќи дека решенијата можат да дојдат само од искрени разговори, објавува „Катимерини“.






Маринакис изјави дека владата ги повикува земјоделците на преговори од самиот почеток и истакна дека повеќето од нивните барања веќе се решени преку неодамнешните мерки, со исплата на надоместоци според планот.

Тој ги повика оние што одбиваат дијалог да се откажат од она што го нарече „стерилен конфликт“ што го оптоварува општеството.

Сепак, иницијативата на 18-те групи беше критикувана од други демонстранти, особено во Тесалија, главниот земјоделски регион на Грција.

Земјоделците од Никаја, град јужно од Лариса, рекоа дека владата не успеала да даде суштински одговори и предупредија дека ќе го заострат својот став по Нова Година доколку не се постигне напредок.

Во меѓувреме, сообраќајот сè уште е попречен од блокади на патиштата.

Клучните патишта во близина на Солун, Лариса и Патра се делумно или целосно затворени, а земјоделците планираат понатамошни акции во наредните денови.

Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции.

Поврзани содржини