ИСТ БОЖИК, ДВА ДАТУМА Зошто некои слават на 25 декември, а други на 7 јануари
Разликата меѓу 25 декември и 7 јануари не е теолошка, туку календарска – и датира со векови наназад.
Секоја година, со приближувањето на Божиќ, повторно се отвора старото прашање: кога навистина е роден Исус Христос и зошто празникот се слави на различни датуми – 25 декември и 7 јануари. Ист празник, а два датума – еден се слави во старата, а другиот во новата година.
Римокатоличките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Божиќ, додека по две недели останатиот дел од православниот свет ќе го прослави Христовото раѓање. Станува збор за еден ист настан, со исто значење за христијаните, но без единствен термин за негово одбележување.
За некои ова е повод за расправии, за други само календарска недоумица што не ја менува суштината и значењето на празникот.
Зошто тогаш дел од верниците Божиќ го слават на 25 декември, а дел на 7 јануари? Одговорот е едноставен – календарот. Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар денес се разликуваат за 13 дена, па истиот датум се појавува во различно време. Не станува збор за „два Божиќа“, туку за различно мерење на времето.
Во христијанството и денес постојат разлики околу тоа кога треба да се слави Божик и другите верски празници, пред сè поради различните календари што ги користат црквите. Така, римокатолиците и дел од православните христијани кои го прифатиле Грегоријанскиот календар, Божиќ го слават на 25 декември. Дел од православните цркви што се водат според стариот Јулијански календар, раѓањето Христово го одбележуваат на 7 јануари.
Иако низ историјата биле правени обиди за усогласување на празнувањата меѓу т.н. „старокалендарци“ и „новокалендарци“, разликите остануваат. Математичарите предупредуваат дека ако продолжи паралелната примена на двата календара, дел од православците Божиќ во 2101 година наместо на 7 јануари ќе го слават на 8 јануари. Причината е тоа што Јулијанскиот календар доцни зад соларната година еден ден на секои 128 години, додека кај Грегоријанскиот календар тоа се случува на секои 3.300 години.
Во времето на Отоманската империја, цариградскиот патријарх Еремија го одбил предлогот на папата за прифаќање на Грегоријанскиот календар и усогласување на празниците. Примената на Грегоријанскиот календар во дел од православните цркви започнала во првите децении на 20 век, на инсистирање на вселенскиот патријарх Јоаким.
Во 1919 година новиот календар бил прифатен во Кралството СХС, во 1923 година во Грција, а подоцна и во Бугарија, Романија и Турција.
Меѓутоа, монасите на Света Гора, Ерусалимската патријаршија, како и Руската, Српската и Македонската православна црква и натаму се водат според Јулијанскиот календар. За разлика од нив, Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква го прифатија Грегоријанскиот.
Најсериозниот обид за компромис меѓу Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар го направил српскиот физичар и астроном Милутин Миланковиќ. Календарот што го изработил на барање на Вселенскиот патријарх Милентиј IV се смета за најточен, бидејќи доцни еден ден на секои 28.800 години.
Миланковиќ го претставил својот календар на Сеправославниот конгрес во 1923 година во Цариград. Решението го прифатиле повеќе православни цркви, но и покрај мнозинската поддршка, календарот никогаш не бил целосно усвоен.
Јулијанскиот календар, според кој се води и Македонската православна црква, датира од 46 година п.н.е., кога римскиот император Јулиј Цезар го ангажирал астрономот Сосиген да изработи попрецизен календар. Тој вовел година од 365 дена, поделени во 12 месеци, со престапна година на секои четири години.
Подоцна било утврдено дека Јулијанската година е подолга од соларната за 11 минути и 14 секунди, што со векови создадало значителни отстапувања. Затоа папата Гргур XIII во 1582 година извршил реформа и го вовел Грегоријанскиот календар, кој денес е глобален стандард.
Раѓањето на Исус Христос е еден од најзначајните настани во христијанството. Иако Божиќ се слави како ден на неговото раѓање, точниот датум историски не е утврден. Разликата меѓу 25 декември и 7 јануари не е теолошка, туку календарска.
Црковните претставници нагласуваат дека суштината на празникот е иста.
– Божиќ е празник на раѓањето Христово и неговата порака за мир, љубов и спасение е иста, без разлика кога се слави – велат теолозите.
И додека датумите можат да нè делат, Божиќ и понатаму ги обединува верниците околу истата порака – вера, надеж, љубов и духовна обнова.