НА ГЕРМАНИЈА Ѝ Е ПОТРЕБНА ШОК-ТЕРАПИЈА Водечки бизнисмен тврди дека германската економија не била во полоша криза од 1949 година

Лидерот во индустријата предупредува дека Германија ризикува неповратна деиндустријализација, дека Кина го копира германскиот модел, а економијата нема раст.

314

„Ѕвоната за тревога мора да ѕвонат“ бидејќи германскиот економски модел е загрозен на неколку фронтови: трошоци за енергија, бирократија и глобална конкуренција, вели Петер Лајбингер, претседател на BDI, германското здружение на работодавачи, во интервју за „Зидојче Цајтунг“.

Тој тврди дека расположението во Германија е „екстремно негативно, во некои случаи дури и агресивно“, со „длабоко разочарување за компаниите“. Тој смета  дека ова е „најсериозната економска криза од основањето на Сојузна Република Германија“ во 1949 година, нагласувајќи дека не станува збор за обичен цикличен пад, туку за длабока структурна криза, придружена со страв од „неповратна деиндустријализација“.






Овие тврдења ги потврдуваат економските резултати на Германија. Реалната економија стагнира и  покрај „револуцијата“ на канцеларот Фридрих Мерц, која ја олесни уставната задолжена кочница и ги ослободи воените трошоци и обезбеди 500 милијарди евра инвестиции (во текот на 10-12 години) во инфраструктура и дигитализација.

Берлин ќе ја заврши годината со  раст на  БДП помеѓу 0 и +0,1% според Советот на економски експерти, додека бројот на невработени ќе достигне речиси 3 милиони. Производствениот сектор изгуби над 500.000 работни места во споредба со врвовите пред Ковид, а стапката на невработеност се искачи на 6,3%. Автомобилската индустрија, клучен сектор на германското производство, служи како одличен пример за овој пад. Се соочува со интензивна конкуренција од евтини кинески електрични возила и високи трошоци за енергија. Застојот во дигиталните иновации и иновациите во батериите ги остави гигантите како Фолксваген ранливи, што резултираше со планови за реструктуирање и затворање на фабрики незамисливи само пред неколку години.

Лајбингер, смета дека геополитичката димензија дополнително ја комплицира економската слика. Германија се плаши од рускиот експанзионизам повеќе од која било друга голема западна земја. Дел од бизнисмените веруваат дека во Германија прашањето не е „дали“, туку „кога“ Москва ќе ја нападне Европа. Затоа, вооружувањето на Берлин одразува вистински страв во општеството. Но бизнисмените сепак велат дека проблемот лежи во бавната потрошувачка на инфраструктурни средства (мостови, железници) поради германската бирократија. Реформите на новата влада ѝ помогнаа на одбранбената индустрија (Рајнметал, Хенсолдт) и јавната градба, но не ги намалија непосредните оперативни трошоци на енергетски интензивните приватни компании. Корпоративните даноци остануваат меѓу највисоките во ОЕЦД, а цените на електричната енергија се двојно повисоки отколку во САД или Кина.

Лајбингер забележува дека и покрај достапните пари, владата се соочува со „агресивна атмосфера“ бидејќи компаниите не гледаат непосредно олеснување, само ветувања за идни проекти.

Според претседателот на работодавачите,  Германија направила стратешка грешка верувајќи дека сегашната поделба на трудот ќе трае вечно и затоа ја губи конкуренцијата со Кина.

Германија обезбедувала машини и технологија (know-how), додека Кина обезбедувала работна сила и масовен пазар. Наместо тоа, Кина детално го проучила „германскиот модел“, базиран на голем трговски суфицит, напредно производство и скриени средства – водечките средни компании во светот. Пекинг не купувал само германски производи; ги искористил последните 20 години за да апсорбира германска технологија и производствени процеси, честопати преку принудни заеднички вложувања. Сега Кина го реплицирала тој модел, но во многу поголем обем и по пониски трошоци. Тие повеќе немаат потреба од германски машини, бидејќи самите ги произведуваат и ги продаваат на глобалниот пазар, со што стануваат директни конкуренти на Германија во сектори со висока додадена вредност (електрични автомобили, индустриски машини, хемикалии).

Во време кога Германија често се опишува како „болниот човек на Европа“, нема повеќе време за постепени реформи. Наместо тоа, потребна е шок терапија за да се спаси германскиот индустриски систем, но таа терапија мора да остане во демократска и проевропска рамка, исклучувајќи ги екстремистичките маргини како AfD.

-За германската индустрија, која е извозно ориентирана и зависи од отворените пазари и привлекувањето странски таленти, изолационизмот и ксенофобијата на AfD се „отров“ – тврди претседателот на BDI,пишува Corriere della Sera.

Поврзани содржини