ЗА ГРЦИЈА САМО ПРЕКУ ДОЈРАН, БОГОРОДИЦА И МЕЏИТЛИЈА СЕ ЗАТВОРЕНИ Грчките земјоделци повторно блокираат со тракторите
Грчките цариници ги информирале нивните колеги, автобусите и автомобилите кои стигнуваат на Евзони да ги пренасочуваат кон Дојран, единствениот граничен премин на кој нема блокади.
Кусо по 18 часот попладнево по локално време, грчките земјоделци одново го затворија граничниот премин Евзони и веќе речиси четири часа во прекин е сообраќајот за влез и излез од Грција, а поради блокадите, граѓаните кои планираат да патуваат кај јужниот сосед, најдобро е да го користат граничниот премин Дојран, јави дописничката на МИА од Атина.
Евзони попладнево беше само неколку часа отворен, за да поминат камионите кои чекале за излез од Грција, но и автомобилите заглавени во делот меѓу двете граници.
Земјоделците од регионот на Пеонија, веќе четврти ден имаат паркирано над 150 трактори на грчката страна од граничниот премин, а денеска пристигнаа дополнителни околу 130 трактори од градот Јаница.
Според информациите на МИА, грчките цариници ги информирале нивните колеги, автобусите и автомобилите кои стигнуваат на Евзони да ги пренасочуваат кон Дојран.
Конкретниот граничен премин, засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено.
На Ники (Меџитлија) претпладнево стигна конвој трактори и кусо го блокираа сообраќајот за влез и излез од Грција.
Пракса на земјоделците, како и во изминатите години за време на нивните протести, е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на граничните премини и остануваат таму, а на секојдневни состаноци, надлежните земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.