ДРЖАВНИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ТРЕБА ДА БИДЕ СМЕНЕТ Љупчо Коцевски се поставува над законот и над волјата на оние што го бираат
„Досега не видовме како се бори за вистината и достоинството на професијата и како да се избори за правдата во општеството, но видовме како се бори „бескомпромисно“ за својата позиција“ – пишува универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски.
Потребно е да се избере нов државен јавен обвинител, зашто сегашниов се поставува над законот и е неспособен за таа функција, пишув познатиот македонски политиколог, аналитичар и универзитетски професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Независноста како смоквин лист на некомпетентноста“.
„Криејќи се зад барањето за политичка независност, државниот јавен обвинител се поставува над законот и волјата на оние што го бираат на таа функција. Неговите правни аргументи за останување на функцијата по секоја цена не ја носат тежината на правдата – но на политиката секако. Досега не видовме како се бори за вистината и достоинството на професијата и како да се избори за правдата во општеството, но видовме како се бори „бескомпромисно“ за својата позиција. Тој искажува неспособност, незнаење и некомпетентност на ваква одговорна функција. Затоа, не смее и не може веќе да се одложува изборот на нов државен јавен обвинител“ – пишува Јанкуловски во колумната објавена на Нетпрес.
Во колумната, покрај другото, Јанкуловски истакнува: „Универзална практика е дека во најголем дел обвинителите не треба да бидат независни, туку неутрални, или неполитички во нивното донесување одлуки. Ваквата посветеност на неутралноста и непристрасноста не треба да ги заслепи реформаторите за политичката природа на процесите, во кои функционира обвинителството, како што тоа го замислува државниот јавен обвинител. Но, зарем може да очекувате да го разбере ова долгогодишен „потпросечен студент по право“, кој е експонент на еден „пиљарски“ претставен правен систем од поранешната власт? Срамот што го носи е голем, и за него и за професијата, во која најлошите предводат. Но, тоа е прашање на лично достоинство и на достоинство на професијата, што ја врши.“
„Само Македонија може „дебело“ да плаќа неспособни и некомпентентни поединци на високи државни позиции. Имаме сериозна фалинка во системот на кривична правда кога дозволуваме оние, што ги „мереа“ ходниците на Правниот факултет во Скопје со години (ние ги викавме вечните студенти) и со судни маки ги полагаа испитите, да станат клучен фактор во државата, идентификуван како чувар на законитоста, уривајќи ја довербата во правниот систем. Се фаворизираат луѓе на високи позиции во системот на кривичната правда сo ниско ниво на правна писменост. Кога државата и политика свесно ќе го закопаат вистинското знаење и талент, некомпетентните луѓе се искачуваат на врвот во сите видови организации, затоа што се сигурни дека политиката ќе ги поддржи. Она од што секој систем на кривична правда би се срамел – правната неписменост – кај нас не е хендикеп. Тоа е сликата на вистинското вложување во луѓето во правосудството и обвинителството што го направи претходната влада“ – пишува универзитетскиот професор Јанкуловски.