КАКО ДА СЕ ФИНАНСИРА УКРАИНА, АКО НЕ СО РУСКИТЕ ЗАПЛЕНЕТИ ПАРИ? Итен состанок на европските министри за одбрана

Сите земји на ЕУ не се подготвени за исплата на билатерални грантови на Киев, а дел од членките не поддржуваат издавање еврообврзници или задолжување на Унијата на пазарите на капитал.

142

Од клучно значење е да се обезбеди сигурно финансирање за Украина, согласно договорот од октомврискиот Самит на ЕУ за покривање на финансиските потреби на земјата за следните две години, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по завршувањето на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри за одбрана.

– Министрите денеска инсистираа дека треба итно да се договориме за опциите за финансирање. Повеќегодишното финансирање би било пресвртница за одбраната на Украина. Посилна Украина значи побрз крај на војната, бидејќи колку побрзо Путин сфати дека не може да нè совлада, толку побрзо ќе заврши оваа војна, рече Калас.






Таа нагласи дека во рамките на ЕУ продолжуваат напорите за постигнување консензус за финансиската поддршка на Украина врз основа на ставот дека е потребно споделување на ризиците.

Во однос на оценките на Белгија дека планот за „заемот за репарации“ за искористување на замрзнатите руски средства за обезбедување на оваа финансиска поддршка, би можел да ги поткопа мировните преговори и позициите на ЕУ во процесот за постигнување мир, Калас истакна дека не се согласува со ваквото мислење.

– Тој дефинитивно ќе ја зајакне европската позиција во однос на Москва. Тоа е многу јасно. Треба да продолжиме со планот. Јасно е дека Русија должи репарации за штетите што ѝ ги нанесе на Украина, а „заемот за репарации“ врз основа на замрзнатите суверени руски средства е всушност вистинската основа за тоа, рече Калас.

Таа истакна дека не сака на никаков начин да ги потцени ризиците или загриженоста што ги има белгиската Влада во однос на „заемот за репарации“, но посочи дека сите земји членки изразиле подготвеност за споделување на ризиците и товарот.

– Затоа треба да работиме на овој законски предлог за да се справиме или да ги ублажиме сите ризици и да го споделиме товарот во врска со тие ризици. Но, дефинитивно треба да продолжиме понатаму, додаде Калас.

Во однос на другите две опции за финансирање на Украина, Калас посочи дека сите земји на ЕУ не се подготвени за исплата на билатерални грантови на Киев, а исто така и дека дел од членките не поддржуваат издавање еврообврзници или задолжување на Унијата на пазарите на капитал, што би довело до раст на долгот на блокот. Затоа, според неа, „заемот за репарации“ е најдоброто решение, со тоа што треба да се отстрани загриженоста на Белгија.

– Треба да работиме на одржливо решение за да продолжиме со „заемот за репарации“. Тој испраќа тројна порака. Многу силна порака до Украина дека сме тука за да ѝ помогнеме да се одбрани. Втората порака е до Москва дека не може да нè совлада, а третата порака е до Вашингтон дека преземаме многу силни и многу веродостојни чекори, рече Калас.

Поврзани содржини