РОДИТЕЛИ НЕ ГИ ПУШТИЈА ДЕЦАТА НА НАСТАВА Во ОУ „Димо Хаџи Димов“ уште владее стравот од труење
Повеќе од 70 родители побараа училиштето да обезбеди строга контрола на храната и јасен протокол за хигиена во сите простории.
Голем број родители на ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“, денеска одлучија да не ги пуштат своите деца на настава и испорачаа пет барања до директорката и советот на родители. Повеќе од 70 родители побараа училиштето да обезбеди строга контрола на храната и јасен протокол за хигиена во сите простории, објави Телма.
– Бараме јасен план кој ќе обезбеди редовен и засилен санитарен надзор, строга контрола врз операторот кој ја подготвува храната, протокол за хигиена на простории и конкретни чекори за спречување на сличен инцидент. Доколку тоа не се исполни ќе бидат вклучени општината, МОН, и другите надлежни институции – порачаа родители на ученици во ООУ „Димо Хаџи Димов”.
На Детската клиника велат дека се прават последните испитувања за четирите деца кои се хоспитализирани, нивната состојба е стабилна и наскоро ќе бидат пуштени дома.
Откако голем број ученици во ОУ „Димо Хаџи Димов“ се пожалија на стомачни болки, а 13 од нив беа хоспитализирани, надлежните инспекции зедоа примероци за анализа. Резултатите покажаа дека во мусаката која ја јаделе децата во училиштето имало фекални бактерии тнр ентеробактерии, а исто така и во водата од три чешми во училиштето. Брис од нос на една од вработените во кујната покажал дека таа имала бактерија стрептокока, а 6 од 7 хоспитализирани деца имале норовирус.
ШЕСТ ОД ДЕЦАТА ОД „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ“ ПОЗИТИВНИ НА СТОМАЧЕН ВИРУС Водата во училиштето е безбедна