СЕГА И КОЦЕВСКИ БАРА ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ОБВИНИТЕЛСТВОТО Едно вештачење за мазут е 1.500 евра, а потребни се над 300
Сметав дека е потребно да апелирам до вас уште еднаш да го разгледате предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за Јавното обвинителство. Средствата кои ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа, апелираше државниот обвинител Љупчо Коцевски пред пратениците.
Откако денеска премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на годината ќе се донесат законите со кои ќе се овозможи финансиската независност на правосудните органи и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски пред пратениците побара повеќе пари за Јавното обвинителство во Буџетот за 2026 година.
Тој рече дека истите барања ги повторуваат секоја година, а Европската комисија во последниот ивештак нотира дека за ефикасна борба против криминалот и корупцијата мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на обвинителството и на судството.
– Верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите кои ни се неопходни за да можеме да работиме. Имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на Обвинителството. Во вкупен обем на средства, износот е дури и помал од тековната година, што е нелогично во услови кога сите трошоци растат – рече Коцевски.
Тој додаде дека не станува збор за средства за покачување на платите ниту на јавните обвинители, ниту на јавнообвинителските службеници, како ни за додатоци и тие износи се исти како и годинава.
– Најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејствија и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Се ова паѓа на товар на буџетот на Обвинителството – рече Коцевски.
Со реформската агенда пред Јавното обвинителство, но и пред сите нас како држава стојат сериозни реформски зафати кои мора да се реализираат во 2026 година, а тоа не се само законски измени, туку и јакнење на капацитетите и на опремата во истражните центри, на канцеларијата за поврат на имот, на финансиските истраги кои ќе резултираат со конфискација и др.
– За ниту еден од овие реформски чекори во буџетот за следната година нема доволно средства, ниту има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат – рече Коцевски.
Тој повтори дека состојбата со кадар е лоша и дека работат со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба, а нема одобрување за нови вработувања.
– Недостигаат околу 30% од потребниот број на јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата за судии и јавни обвинители и најмалку во следните 3 и пол години нема да биде примен ниту еден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива – рече Коцевски.
Тој истакна дека годинава се соочиле со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал и наведе пример дека ОЈО ГОКК работи на предмет поврзан со квалитетот на мазутот и неговото влијание врз здравјето, при што за вештачење на еден примерок кое мора да се врши во странство се потребни 1.500 евра, а треба да се извештачат над 300 примероци.
– Сметав дека е потребно да апелирам до вас уште еднаш да го разгледате предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за Јавното обвинителство. Средствата кои ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа – апелираше Коцевски.