Пораката од турскиот мега скандал со нелегално обложување
Во последниот период најголем број од скандалите се поврзани со онлајн игрите на среќа, кои преку интернетот и мобилните уреди се целосно и многу лесно достапни за сите, во секое време и во секој дом. Оттука, не случајно со години предупредуваме дека предлозите за воведување некаква дистанца за објектите за игри на среќа, не само што не се решение, туку станува збор за гол популизам кој во суштина не ја прави младината повеќе заштитена од игрите на среќа, туку само задоволува одредени партиски центри на моќ кои лажно сакаат да претстават некаков политички триумф врз овој економски сектор.
Во октомври, додека во Македонија во полн ек беше кампањата за локалните избори, медиумите го отворија мега скандалот со нелегално обложување во Турција. Имено, 371 од вкупно 571 фудбалски судии имале налози за обложување, од нив 149 биле суспендирани од нивната фудбалска федерација. Истовремено, Централната банка на Турција ѝ ја одзела лиценцата за работа на најпопуларната тамошна платформа за трансфер на пари „Папара“, поради сомневања за нелегално обложување и перење пари. Оваа платформа се користела и за трансфер на пари од нелегални онлајн игри на среќа, а наводно траги од овие пари воделе и до Македонија со трансфери правени преку турски студенти.
Турција е една од државите кои имаат крајно ригидна политика за игрите на среќа, односно истите во нивниот општествен систем се целосно забранети. Со оглед на фактот дека Турција е земја со релативно цврсто уредување, сериозна нормативна традиција и силен систем за имплементација на законите, скандалот со обложувањето е невиден преседан кој ги нагризува етичките вредности и религиозни принципи кои Анкара сака да ги наметне како перцепција за себе во светот. Затоа, воопшто не е случајно што Судот во Истанбул побарал притвор за 21 лице, од кои, за 17 судии и за еден претседател на прволигашки клуб. Нивниот претседател на Турската фудбалска федерација го нарече овој скандал „морална криза“. Таму државата се труди на секој можен начин да се испере од овој, за нив голем срам, но и признание дека ниту едно општество не може со радикален пристап да обезбеди ефективна забрана за граѓаните да играат.
Каква порака за македонските политичари испраќа турскиот скандал со нелегално обложување?
Прво, уште еднаш се потврдува дека целосната забрана на игрите на среќа, секогаш, без исклучок, без разлика за кое и какво општество станува збор, создава предуслови за барање алтернативни, па дури и незаконски начини за играње. Најчест случај е отворање диви играчници по подруми, врз кои ниту една држава, без разлика колку е силна и развиена, не може да има контрола. Во такви услови младината природно станува многу лесна цел на противзаконски манипулации. Не треба да се оди многу далеку, доволно е да се потсетиме на фактите дека во октомври 2022, албанската Влада соопшти дека после четиригодишната забрана ги враќа легалните игри на среќа. Образложението на нивниот премиер Еди Рама беше дека после забраната, игрите на среќа во Албанија почнале да се одвиваат на црно и дека повторното отворање на индустријата значително ќе ѝ помогне на албанската економија. И во Грција беа забранети на игрите на среќа. Кога грчките власти видоа дека меѓу три до пет илјади Грци само во еден ден играат во Гевгелија, во 2018 поставија 36.000 апарати за игри на среќа за да спречат одлив на финансиски средства надвор од државата. Не поседувам официјални податоци, за тоа колку жители на Косово на дневна основа ја посетуваа Македонија за да играат затоа што и таму игрите на среќа се под мораториум.
Второ, во последниот период најголем број од скандалите се поврзани со онлајн игрите на среќа, кои преку интернетот и мобилните уреди се целосно и многу лесно достапни за сите, во секое време и во секој дом. Оттука, не случајно со години предупредуваме дека предлозите за воведување некаква дистанца за објектите за игри на среќа, не само што не се решение, туку станува збор за гол популизам кој во суштина не ја прави младината повеќе заштитена од игрите на среќа, туку само задоволува одредени партиски центри на моќ кои лажно сакаат да претстават некаков политички триумф врз овој економски сектор. За создавање реално ефикасна регулатива потребно е активно учество на асоцијациите на различните приредувачи на игри на среќа, како и претставниците на вработените во овој економски сектор, кои исто така се родители на малолетни деца. Нивната експертиза и практично искуство е од непроценлива важност во процесот. Единствено со таков инклузивен пристап може заеднички да дојдеме до законско решение кои ќе даде одговори за сите грижи на граѓаните.
П.С. За време на кампањата за локалните избори, за разлика од претходната, игрите на среќа не беа во прв план на политичките партии. Сепак, некој од кандидатите повторно се обиде да печали политички поени преку ветување дека ако биде избран ќе забрани рекламирање легални игри на среќа на комерцијална основа на јавни површини на Градот Скопје. Во интерес на пошироката јавност, легалните игри на среќа во Македонија обезбедуваат најмалку 280 милиони евра годишни приходи во државниот Буџет. Надвор од овој обем на финансиски средства, кои се слеваат на државната сметка, компаниите кои во Македонија претставуваат светски афирмирани брендови на игри на среќа, постојано манифестираат највисоко ниво на општествена и корпоративна одговорност и со конкретни донации и спонзорства поддржуваат различни проекти за правилен развој на младината и промоција на општествени вредности.
Различните приредувачи на игри на среќа на вкупна основа се најголемиот приватен работодавач во Македонија со преку 10.000 вработени. Немаме никаква дилема дека младината мора да биде целосно заштитена од било какво потенцијално влијание евентуално да создаваат недозволени навики за играње. Но исто така, крајно време е некои политичари да станат свесни за сопствената одговорност, особено за вокабуларот кој го користат во политичката дебата, бидејќи со таков неодговорен пристап имаат сериозно негативно влијание врз правилниот развој на младината.
(Авторот е претставник на Асоцијацијата на приредувачи игри на среќа – АПИС)