🎥 (ВОЗНЕМИРУВАЧКО) ВОЈСКАТА НА СУДАН ИЗБЕГА, ПАРАВОЈСКАТА ГИ МАСАКРИРА ЦИВИЛИТЕ ВО АЛ ФАШИР „Ги убија сите, улиците беа покриени со тела“

Тешките и бруталнни злосторства се случуваат откако војниците на паравоената РСФ го опседнаа, изгладнуваа и го гранатираа Ал Фашир 18 месеци, во борба со суданската армија за контрола на последниот главен град на регионот Дарфур.

1,510

Илјадници цивили кои бегаа од клучниот судански град Ал Фашир, откако падна во рацете на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) станаа мети на групата во околните „полиња на смртта“, откако воената елита си обезбеди безбедно бегство. Заедничката истрага на медиумите Скај њуз, Судан њуз монитор и Лајтхаус репортс ја открива бруталната судбина на цивилите и војниците кои избегаа од градот, во часовите откако високите команданти на војската ја напуштија пешадиската дивизија.

Повеќе од 60.000 исчезнати






Повеќе од 60.000 луѓе сè уште се водат како исчезнати, а хуманитарните организации стравуваат дека преостанатите 200.000 жители на Ал Фашир се заложници на РСФ. Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), околу 70.000 луѓе избегале од Ал Фашир откако градот беше освоен од паравојската на 26 октомври, но помалку од 10.000 од нив се снимени во најблиските безбедни зони за раселенит лица. Во потрага по исчезнатите, истражувачкиот тим анализираше десетици видеа по толпите цивили кои го напуштаат градот.

Едно видео прикажува група мажи, жени и деца. Подоцна, во друго видео, двајца мажи од таа група биле прикажани меѓу затворениците под вооружена стража на РСФ. Видеото, исто така, ги прикажува жените како слободно одат, што сугерира дека мажите биле раздвоени. Во трето видео, маж со црвен турбан стои во ред со други мажи кои се принудени да бегаат додека ги бркаат и ги тепаат борците на РСФ.

Извор од теренот изјави дека таа група броела околу 2.000 затвореници, а само 200 од нив успеале да стигнат до најблиското засолниште во Тавила, оддалечено околу 70 километри. Едно од видеата беше геолоцирано на околу 5 километри од блискиот град Гернеи, каде што стотици луѓе беа притворени во училишни згради.

„Пред мене убија 18 луѓе“

Семејствата на лекарите притворени во Гернеи за Скај њуз изјавија дека РСФ барале откуп за нивно ослободување. Еден човек по име Абделхамид, кој го преживеал заробеништвото со својата сопруга, рекол дека бил притворен со 300 до 400 семејства откако биле ограбени на пат од Ал Фашир.

– Стигнавме во училиштето и нè фатија. Потоа почнаа да ги издвојуваат луѓето – стари и млади – и да ги носат во притвор. Избираа луѓе и ги погубуваа пред нас, а потоа велеа „закопајте го вашиот брат“ и ние ќе ги покривавме со земја. Видов како убија 18 луѓе со свои очи, а потоа луѓето мораа да ги погребаат со голи раце – рече тој.

Фото: Принтскрин

 

Сателитските снимки од 30 октомври покажуваат купишта земја што изгледаат како нови гробови на постоечки гробишта во близина на училиште во Гернеи. Други биле погубени на полињата надвор од Ал Фашир.

Во едно видео објавено на социјалните мрежи, возило на РСФ ги брка цивилите. Борците го запираат невооружениот човек, а еден од нив го застрелува од блиску. Возачот потоа ги поттикнува своите другари да „ги убијат сите“.

Предавство и хаотично повлекување

 

Оваа бруталност се случи откако РСФ го опседнаа, изгладнуваа и го гранатираа градот Ал Фашир 18 месеци, во борба со суданската армија за контрола на последниот главен град на регионот Дарфур. Повеќе извори потврдија дека врвните воени команданти и политичките лидери организирале сопствен безбеден премин во конвој од над 100 возила, напуштајќи го градот пред РСФ да го заземат на 26 октомври.

Фото: Принтскрин

Врховниот командант на суданските вооружени сили (САФ), Абдел Фатах Ал Бурхан, рече дека повлекувањето е спроведено за да се спаси градот од понатамошно уништување.

– Одлуката за повлекување беше едногласна – изјави тој за Скај њуз, додавајќи дека силите не оставиле војници зад себе.

– Оние што останааа имаа задача да го обезбедат повлекувањето, тие ја извршија својата должност – рече тој.

Сепак, војникот што останал во градот опишува сосема поинаква слика.

– Командантот на дивизијата го напушти гарнизонот. Тие целосно нè напуштија и одеднаш бевме опколени. Прашавме што се случува и ни беше кажано дека сите избегале – рече тој.

Неговото сведоштво го потврдува и цивил кој избегал тоа утро:

– Немаше координација во врска со повлекувањето. Улиците беа покриени со тела. РСФ влегоа во градот и ги заклаа сите што ги најдоа. Не правеа разлика помеѓу дете, цивил или старец, ги погубија сите, целосен геноцид – рече тој.

Судбината на 200.000 луѓе е непозната

Расте загриженоста за судбината на околу 200.000 луѓе што остануваат во Ал Фашир, кој е во целосен комуникациски мрак. Висок командант на РСФ изјави дека најмалку 7.000 луѓе биле убиени во првите 5 дена од окупацијата и дека борците систематски ги таргетирале цивилите од неарапските племиња.

 

Фото: Принтскрин

 

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи објави дека на нивните партнери им е забранет пристап до градот.

„Цивилите се заробени внатре, нивната состојба е непозната“, се вели во соопштението.

Портпаролот на РСФ, д-р Алаа Нугуд, ги отфрли обвинувањата за масакри како „целосна бесмислица“ и дел од „лажна медиумска кампања“.

– Никогаш не се случило силите на РСФ да убиваат цивили врз основа на етничка припадност, рече тој, обвинувајќи ја армијата (САФ) дека поттикнува етнички конфликти.

Тој додаде дека РСФ евакуирале повеќе од 800.000 цивили надвор од Ал Фашир и дека продолжувањето на војната што ја наметнале САФ е виновно за злосторствата.

Војната во Судан почна во април 2023 година. Се проценува дека 150.000 луѓе се убиени, а речиси 12 милиони раселени.

Поврзани содржини