ШТО ЌЕ СТАНЕ СО ДОЛГОТ НА ЖЕЛЕЗНИЦИ ТРАНСПОРТ КОН ХРВАТСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ? Секоја година долгот расте за 2 милиони евра

Долгот на „МЖ – Транспорт“ кон „Хрватски железници – Карго“ е регулиран со Договорот со Меѓународната железничка унија (UIC – Union Internationale de Chemin de Fer), склучен во јуни 2004 година со кој Република Македонија ги презела обврските на „Македонски железници“.

125

Хрватската ЦИОС група денеска соопшти дека и по 15 години не може да го наплати долгот од „Македонски железници – Транспорт“ направен кон „Хрватски железници-Карго“ кој од 3,8 милиони евра пораснал на повеќе од 25 милиони евра.

Од „Железници Транспорт“ велат дека за овој долг се води судски спор пред скопскиот Граѓански суд и до донесување на одлука на судот нема да коментираат за долгот.






– Во тек е судски спор кој е започнат во 2023 година и нема да коментирам за тоа. Зошто се чекало прашањето да не се реши досега, не можам да кажам – изјави директорот на „Железници Транспорт“, Дејан Кошутиќ.

Официјалниот став на македонските надлежни институции е дека ќе се чека на судската разрешница во која ќе се бара објаснување за методологијата според која ЦИОС го пресметал основниот долг од 3,8 милиони на 25 милиони евра.

Државата во овој судски процес ја брани Државното правобранителство.

Долгот на „МЖ – Транспорт“ кон „Хрватски железници – Карго“ е регулиран со Договорот со Меѓународната железничка унија (UIC – Union Internationale de Chemin de Fer), склучен во јуни 2004 година со кој Република Македонија ги презела обврските на „Македонски железници“ (сл. весник бр. 83 од 24.11.2004). Овој долг според правниците не може да застари.

Од групацијата велат дека долгот годишно расте приближно за 2 милиони евра поради каматите кои се пресметуваат според Кодексот 311 на Меѓународната железничка унија (UIC) – унифициран систем кој применува едномесечна стапка на Еурибор зголемена за 5%, со сложена каматна пресметка. Од 2000 година наваму, се користи Еурибор објавен од Европската централна банка.

Од групата велат дека се подготвени да се стави крај на долгогодишниот спор во интерес на Македонија и на сите засегнати страни.

„ЦИОС – група“ во 2010 година, преку меѓународен јавен тендер ги откупи сите побарувања на „ХЖ Карго“ кон железничките компании од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ и Албанија), во вкупен износ од 44.679.978,18 милиони евра.

Досега успешно постигна спогодбено порамнување со сите земји освен со Македонија иако македонските институции и Железница транспорт се информирани со формални дописи во 2011 година дека групата го откупила долгот на „Хрватски железници – карго“.

Согласно Планот на поделба на Македонски железници, верификуван со Одлука на Владата од 8 мај 2007 година, долгот за железнички превоз кон странски железници – за периодот 1991–1995 и понатаму од 1996 година – ѝ припаднал на ЖРСМ транспорт АД Скопје.

Во документот јасно е наведено дека главницата изнесувала 3.842.386 евра, а со камати на 31 август 2023 година достигнала цели 25 милиони евра.

Во истиот план стои дека сите други долгови од тој период – освен со Хрватска и со Бугарија – биле решени преку посредство на Меѓународната железничка унија (UIC) од Париз, која во случајот има и улога на гарант на обврските. Спогодбите биле прифатени со отпис на камати и намалување на главниот долг за 51%, поткрепени со државна гаранција за плаќање.

Поврзани содржини