СРБИТЕ ЌЕ ЈА СЕФТОСААТ РУСКАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ РАК Тестирањата врз животни биле стопроцентно успешни
Вакцината моментално е наменета за третман на меланом и одредени видови рак на белите дробови, но се развиваат повеќе варијанти за лекување други форми на рак.
По Русија, Србија би можела да стане првата земја каде што пациентите ќе добијат персонализирана МРНК вакцина против онколошки заболувања, изјави за РТС Ненад Поповиќ, министер без ресор во Владата на Србија задолжен за меѓународна економска соработка.
Вакцината против онколошки заболувања е развиена во Русија и ги поминала сите фази на тестирање врз животни, каде што, како што истакнува Поповиќ, е постигнат 100% успех. Се очекува дека во наредните недели руското Министерство за здравство ќе одобри нејзина употреба кај пациенти.
Минатата недела, висока делегација од Руската Федерација беше во Србија, а на крајот од посетата беше примени од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Разговаравме за сите аспекти на идната соработка, вклучително и можноста Србија да се вклучи во примената на оваа револуционерна вакцина – рече министерот Поповиќ.
Вакцината моментално е наменета за третман на меланом и одредени видови рак на белите дробови, но се развиваат повеќе варијанти за лекување други форми на рак. Станува збор за персонализирана терапија која се прави индивидуално за секој пациент, врз основа на неговиот генетски профил.
– Генетскиот материјал на пациентот се зема и се комбинира со ткивото во кое се развил туморот. Со помош на најновите математички модели и вештачка интелигенција, вакцина наменета за тој конкретен пациент се добива во рок од само седум дена“, објасни Поповиќ.
Според Поповиќ, вакцината покажала извонредни резултати дури и кај пациенти со напредни фази на болеста, вклучувајќи и метастази.
Според договорот на претседателот Владимир Путин и Александар Вучиќ, Србија ќе биде меѓу првите земји што ќе учествуваат во примената на таа терапија.
– Планирано е нашите пациенти да можат да ја примат оваа вакцина следната година, веднаш по руските пациенти – рече Поповиќ.
Формирана е работна група која ќе ја подготви инфраструктурата и медицинскиот персонал, а до крајот на годината делегација од српски експерти по медицина, микробиологија и Институтот „Торлак“ ќе престојуваат во Москва. Таму ќе се запознаат со целиот процес – од земање генетски профил до производство на персонализирана вакцина.
– Сакаме поголемиот дел од дијагностиката да се прави во Србија, а самата вакцина да пристигне од Русија со ладен транспорт, како што беше случајот за време на пандемијата на Ковид“ – рече Поповиќ, додавајќи дека до крајот на 2026 година вакцината би можела да се произведува и во Србија, во Институтот „Торлак“.