ВО ПРВ КРУГ ИЗБРАНИ ШЕСТ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ВО СКОПЈЕ На 2 ноември ќе се одлучува во Аеродром, Центар, Карпош и Шуто Оризари
Во повеќето скопски општини граѓаните веќе избраа градоначалници, додека четири општини ќе имаат ново гласање на 2 ноември.
На вчерашниот прв круг од локалните избори, граѓаните на Македонија гласаа за избор на градоначалници и советници во 80 општини и во Градот Скопје.
Резултатите покажуваат дека во многу општини градоначалникот ќе биде избран во вториот круг кој ќе се одржи на 2 ноември.
Според податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), во повеќето скопски општини се обработени 100 проценти од избирачките места, а кај само четири недостасуваат податоци од неколку гласачки места.
Граѓаните во првиот круг избраа градоначалници во скопските општини Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сарај и Чаир.
Во Аеродром, Центар, Карпош и Шуто Оризари, па градоначалничката функција ќе ја добие оној кој ќе победи во вториот круг.
Во Општина Аеродром, каде што се обработени 99,90 отсто од избирачките места, води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен в.д. градоначалник Дејан Митески со 49,09 проценти или 16.225 гласа. Зад него е Александар Трајановски од СДСМ со 20,79 проценти или 6.872 гласа. Двајцата ќе се соочат во вториот круг.
Во Општина Центар, по обработени 99,86 отсто од избирачките места, најмногу гласови доби кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник Горан Герасимовски со 38,21 проценти или 8.525 гласа. Неговиот противкандидат Мирослав Лабудовиќ од движењето ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, има 25,53 проценти или 5.695 гласа.
Во Карпош, според 100 отсто обработени гласачки места, во вториот круг ќе продолжат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сотир Лукровски и актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски од коалицијата „Искуство за успех“. Лукровски во првиот круг води со 34,51 проценти или 10.284 гласа, додека Јакимовски има 29,40 проценти или 8.761 глас.
Во Шуто Оризари, пак, вториот круг ќе ја реши трката меѓу актуелниот градоначалник Курто Дудуш од Унија на Роми и Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ. Дудуш освои 36,57 проценти или 3.217 гласа, а Демир 20,69 проценти или 1.820 гласа.
Како што е веќе познато втор круг ќе има и во Град Скопје. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски по првиот круг има убедливо водство од 39,43 проценти или 91.597 гласови. Ѓорѓиевски во вториот круг на 2 ноември за противкандидат го има Амар Мециновиќ по обработени 100 процени од податоците има 13,20 проценти или 30.659 гласовите.