ЕУ РАЗМИСЛУВА ЗА ПРИЕМ НА ЧЛЕНКИ БЕЗ ПРАВО НА ВЕТО Идните земји членки можеби нема да имаат право на одлучување

Идните членки треба да се откажат од своите права на вето сè додека не се спроведат реформските промени, како што е воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство во донесувањето одлуки. Не смееме да дозволиме поединечните земји-членки да го забават проширувањето - рече претседателот на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг.

869

Европската унија ја разгледува можноста идните членки да се приклучат кон блокот без целосни права на донесување одлуки, вклучително и право на вето, со цел да го забрза процесот на проширување, дознава Политико од дипломатски извори.

Предлогот, кој е сè уште во рана фаза и бара едногласно одобрување од сите 27 земји-членки, би им овозможил на новите држави да уживаат во поголемиот дел од придобивките од членството, додека тие би добиле целосни права подоцна, откако ЕУ ќе спроведе клучни институционални реформи, вклучително и укинување на едногласното донесување одлуки во повеќето области.






Според овој предлог, земјите-кандидатки би можеле да станат членки под пофлексибилни услови, без потреба од измени на основачките договори на ЕУ, објасниле извори за порталот од Брисел.

Застапниците на проширувањето, вклучувајќи ги Австрија и Шведска, сакаат да ја искористат оваа иницијатива за да ги надминат блокадите што, како што велат, доаѓаат од Будимпешта и неколку други главни градови кои се плашат од губење на пазари или загрозување на националната безбедност.

– Идните членки треба да се откажат од своите права на вето сè додека не се спроведат реформските промени, како што е воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство во донесувањето одлуки. Не смееме да дозволиме поединечните земји-членки да го забават проширувањето – рече Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг.

Претходно, правилото беше дека проширувањето не може да биде можно без сеопфатна институционална реформа.

Сепак, обидите за укинување на правото на вето за постојните членки наидоа на отпор, не само од Унгарија, туку и од Франција и Холандија.

Хофрајтер наведува дека таков пристап би ѝ овозможил на Унијата да остане функционална дури и во проширен формат.

– Разговорите со претставниците на земјите од Западен Балкан покажуваат дека тие ја гледаат оваа идеја како конструктивна и реалистична – додаде тој.

Овој потег, како што објаснува Политико, доаѓа во време на растечка фрустрација кај земјите-кандидатки, кои веќе спроведоа значајни внатрешни реформи, но сè уште се соочуваат со неуспеси во процесот на пристапување.

– Хрватска беше последната што се приклучи на ЕУ пред повеќе од една деценија, додека Велика Британија оттогаш ја напушти Унијата. Затоа верувам дека е време да се оживее овој процес – изјави претходно за Политико црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го стави проширувањето во срцето на својата агенда, најавувајќи го можниот влез на Украина и Молдавија до 2030 година, но земјите-членки на ЕУ досега одбиваат да ги забрзаат процедурите.

Поранешниот обид на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, да го забрза проширувањето беше одбиен од неколку земји-членки, потсетува Политико.

Во среда во Лондон ќе се одржи самит како дел од „Берлинскиот процес“, каде што лидерите на ЕУ ќе разговараат со претставници на Западен Балкан за понатамошната интеграција на регионот во ЕУ.

Според извори од ЕУ, Комисијата би можела да предложи продолжување на преговорите со кандидатите без формална согласност од сите земји-членки за секој чекор, што би ја избегнало можноста за вето, особено од Будимпешта.

Во нацрт-заклучоците за самитот на лидерите на ЕУ во Брисел во четврток, проширувањето дури и не беше споменато, предизвикувајќи негодување кај земјите што го поддржуваат процесот.

– Доколку ЕУ не ги забрза реформите и проширувањето, ризикува да ја изгуби својата стратешка предност во корист на трети страни кои веќе чекаат на својата шанса – изјави Клаудија Плаколм, австриска министерка за европски прашања.

Поврзани содржини