ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ УСПЕШНО ИЗВЕДЕНИ ДВЕ МИНИМАЛНО ИНВАЗИВНИ ПРОЦЕДУРИ Третман на стеснувања на мочниот канал со употреба на хемиски обложен балон
Пациентите се испишуваат од болница истиот ден со носење на тенок уринарен катетер само три дена. Лекот останува да дејствува во клучниот период од еден месец, без системско дејство на телото, објаснува д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија.
Првпат во Македонија и регионот во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се изведени две минимално инвазивни процедури за третман на упорни и/или повторувачки стеснувања – стриктури на мочниот канал (уретра).
– Оваа процедура се изведува без рез, ендоскопски и под флуороскопска контрола, со специјално дизајнирани балони чиј ѕид е обложен со лек паклитаксел – цитостатик со локално дејство, чиe ослободување во ѕидот на мочниот канал не дозволува повторно формирање на сврзно ткиво и стеснување на каналот. Пациентите се испишуваат од болница истиот ден со носење на тенок уринарен катетер само три дена. Лекот останува да дејствува во клучниот период од еден месец, без системско дејство на телото – објаснува д-р Александар Мицковски, специјалист по урологија.

Клучно е тоа што стапката на повторување на стриктурите се намалува за 75%, а потребата од изведување голема отворена операција со трансплантација на слузница од образ се намалува за 50%. Споредбено, стапката на успех на класична DVIU (интерна уретротомија, една од најчестите уролошки операции) од 27% во период од 5 години ја зголемува на фантастични 75% – ROBUST III студија. Како процедура е максимално безбедна, а компликациите се ретки и минливи.

Д-р Мицковски вели дека овој вид процедури е одобрен и е дел од официјалниот протокол на лекување стриктури – стеснувања на мочниот канал во водичите на двете највлијателни уролошки асоцијации – американската AUA и европската EAU, а има одобрение и од американската ФДА.
Се изведува рутински во најмодерните уролошки центри, а на големо задоволство и кај нас.