СО МАТИЧНИ КЛЕТКИ ЌЕ МОЖАТ ДА СЕ ПОПРАВАТ ОШТЕТУВАЊАТА НА МОЗОКОТ ПОСЛЕ ШЛОГ Новата терапија ќе им овозможи на пациентите со мозочен удар да ги вратат изгубените способности
Според нова научна студија, инјекциите со матични клетки би можеле да го поправат оштетувањето на мозокот предизвикано од блокирани крвни садови. Оваа терапија во иднина би можела да им овозможи на пациентите со одредени видови мозочен удар да ги вратат изгубените способности.
Нова студија од истражувачи на Универзитетот во Цирих и Универзитетот во Јужна Калифорнија покажува дека инјекциите со матични клетки би можеле да го поправат оштетувањето на мозокот предизвикано од блокирани крвни садови. Оваа терапија во иднина би можела да им овозможи на пациентите со одредени видови мозочен удар да ги вратат изгубените способности.
Користејќи глувци со оштетување на мозокот предизвикано од мозочен удар, истражувачите откриле дека инјекциите со човечки матични клетки би можеле успешно да се развијат во млади мозочни клетки.
Резултатите биле извонредни – повеќето од имплантираните клетки останале на место, развивајќи ги својствата на целосно функционални неврони и комуницирајќи со околните клетки, објавува Science Alert.
– Откривме дека матичните клетки го преживеале целиот петнеделен период на анализа и дека повеќето од нив се трансформирале во неврони, кои дури комуницирале и со постојните мозочни клетки – вели неврологот Кристијан Такенберг од Универзитетот во Цирих.
Покрај тоа, истражувачите ја набљудувале регенерацијата на крвните садови, намалувањето на воспалението во мозокот и зајакнувањето на крвно-мозочната бариера. Глувците дури покажале знаци на подобрено движење и координација, што е клучно откритие бидејќи мозочниот удар може сериозно да ја наруши моторната контрола на телото.
Новата студија, објавена во списанието „Nature“, се темели на претходни истражувања од страна на дел од истиот тим што го испитуваше оптималното време на инјектирање на матични клетки по мозочен удар. Ова ќе биде важно за развојот на терапии во реалниот свет, бидејќи се чини дека мозокот треба да се стабилизира до одреден степен по мозочниот удар за трансплантацијата да биде ефикасна.
Иако претходните студии се занимаваа со слични теми, Такенберг и неговиот тим велат дека ниту една не навлегла до ова ниво на детали. Истражувачите биле заинтересирани не само за тоа дали имплантираните клетки преживеале, туку и за тоа дали можат да формираат невролошки врски.
– Нашата анализа оди далеку подалеку од опсегот на други студии, кои се фокусираа на непосредните ефекти веднаш по трансплантацијата – вели Такенберг.
Во моментов, оштетувањето на мозокот предизвикано од мозочен удар е неповратно. Внатрешното крварење или недостатокот на кислород предизвикан од мозочен удар трајно ги уништува мозочните клетки, што може значително да влијае на говорот и движењето.
Истражувачите се надеваат дека, со текот на времето, терапијата со матични клетки би можела да се користи за поправка на она што во моментов е непоправливо. Голем број иновации веќе се појавуваат во оваа област, вклучувајќи третмани за дијабетес и губење на видот.
Дали овој пристап би можел да функционира во човечкиот мозок, останува да се види и ќе треба да се тестира во многу подолг временски период.
Остануваат многу предизвици: секоја интервенција во мозокот носи ризик од погрешен тек.
На пример, истражувачите треба да најдат начин да спречат имплантираните матични клетки да одат подалеку од нивната првобитна намена.
– Клучно е да се истражат нови терапевтски пристапи за потенцијално регенерирање на мозокот по болест или несреќа. Нашите наоди покажуваат дека невронските матични клетки не само што формираат нови неврони, туку и активираат други процеси на регенерација – вели Такенберг.