ИЗБОРИТЕ ПОД БУДНО ОКО НА ДОМАШНИ И СТРАНСКИ НАБЉУДУВАЧИ Изборната комисија ги додели акредитациите
Државната изборна комисија денеска одобри акредитации за меѓународни и домашни набљудувачи на локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври, а воедно одби пет приговори поднесени за правото на глас во Избирачкиот список.
На денешната 140-та седница, Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука за одобрување акредитации за домашни и меѓународни организации кои ќе ги набљудуваат локалните избори закажани за 19 октомври.
Меѓу акредитираните организации се: Амбасадата на Кралството на Холандија со 10 набљудувачи, Здружението Планинарски спортски клуб „Кап-Струга“ од Струга со девет членови, Националниот совет за родова рамноправност со осум членови, Институтот за соработка и развој од Франција со еден набљудувач, Меѓународната фондација за изборни системи од Вашингтон – подружница во Северна Македонија – со седум членови, како и набљудувачката мисија на ОДИХР (Канцеларија за демократски институции и човекови права) со седум лица.
– Врз ова овластување ќе бидат издадени беџови кои на акредитираните набљудувачи ќе им послужат како идентификација. Секој овластен набљудувач мора да го почитува кодексот за изборно набљудување и правилата утврдени од Државната изборна комисија – изјави членката на ДИК, Светлана Карапетрова.
На седницата беа разгледани и пет приговори за лично избирачко право – сите одбиени од членовите на Комисијата. Првиот приговор бил неоснован, бидејќи лицето веќе било запишано во Избирачкиот список. Вториот и петтиот приговор биле одбиени затоа што подносителите немале пријавено последно живеалиште во Македонија, третото лице било малолетно, а четвртиот приговор бил одбиен откако било утврдено дека лицето е уредно запишано.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека сите граѓани може да ги проверат своите податоци и избирачките места на веб-страницата на Комисијата.
– На сите лица ќе им бидат доставени одлуките по електронска пошта на нивните лични адреси – изјави Кондарко, повикувајќи ги граѓаните да ја искористат можноста за навремена проверка на своите податоци пред изборниот ден.