ТЕТОВО ДОБИВА АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈА Касами вели дека се отстранува ризикот од поплави

27

Се гради атмосферска канализација во Тетово во должина од 2,5 километри, како и колектори за атмосферски води за да се спречи ризикот од поплави во градот, соопшти денеска градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој е и кандидат за втор мандат на Коалицијата Вреди.

– Станува збор за значаен проект за атмосферска канализација од населбата Вонвардарска и комплексот „Тетекс“, кон Урбан блок бр. 59 и до новиот колектор за атмосферски води во селото Фалише. Вкупно 2,5 километри атмосферска канализација во овие три сегменти, со инвестиција од околу 52 милиони денари. Се гради и колектор за атмосферска канализација на булеварот Видое Смилески Бато во должина од 1.150 метри, со инвестиција над 25 милиони денари – изјави Касами.






Тој соопшти дека и во населбата Дарданија се гради колектор за атмосферска канализација во должина од 950 метри, со вкупна вредност од 19,5 милиони денари.

– Значи, вкупно речиси 5 километри канализациска инфраструктура, со над 96 милиони денари инвестиција во канализациската мрежа на Тетово. На овој начин го отстрануваме ризикот од поплави, ги штитиме граѓаните и сообраќајната инфраструктура истовремено – додаде тој.

Касами вети дека Тетово ќе продолжи да се развива во секој сегмент.

– На почетокот на мојот мандат, Тетово го затекнав со долг од 24 милиони евра и со 1.001 нерешен проблем. Не беше направено ништо. Тетово беше уништено во секој аспект. Наместо да се жалиме и да бараме оправдувања, избравме да ги засукаме ракавите и да ги решаваме проблемите еден по еден – рече Касами.

Поврзани содржини