НЕБО ПОЛНО СО ПРАШАЊА НАД БЕЛГИЈА Инцидент со 15 дронови ја исплаши Европа
Тоа треба да се истражи. Лично мислам дека тие дронови се пример за хибридна закана. Тоа е начин да се предизвика немир. Тоа е моделот што Русија го применува со години, изјави министерот за одбрана на Белгија велејќи дека засега нема директни докази за руско мешање.
Петнаесет неидентификувани дронови ја надлетале воената база „Елзенборн“ во источна Белгија, недалеку од германската граница, потврди Министерството за одбрана на Белгија.
Инцидентот се случил околу 1:45 по полноќ, кога полицајци од германскиот град Дирен први ги забележале објектите над базата. Неколку минути подоцна, дроновите го преминале и белгиско-германскиот воздушен простор, јави јавниот сервис ВРТ.
„Белгиската армија спроведува истрага“, соопшти Министерството, без да открие повеќе детали за леталата, освен дека биле забележани од контролниот систем на воздушниот простор и дека летале на различни височини.
Министерот за одбрана, Тео Франкен, застана пред јавноста со изјава дека досега нема докази кои директно ја поврзуваат Русија со инцидентот. Меѓутоа, тој не ја исклучи можноста за хибридна операција:
– Тоа треба да се истражи. Лично мислам дека тие дронови се пример за хибридна закана. Тоа е начин да се предизвика немир. Тоа е моделот што Русија го применува со години – истакна Франкен.
Не е познато од каде долетале дроновите, ниту кој ги управувал. Белгиските медиуми го нарекоа случајот „бизарен“, особено бидејќи во базата „Елзенборн“ „нема што многу да се шпионира“, како што изјавиле воени извори за ВРТ.