📽️ СРПСКИ СТУДЕНТ МЕЃУ ПРИВЕДЕНИТЕ ОД ФЛОТАТА НА ТУНБЕРГ „Барајте од владата да ме вратат дома“

Ве повикувам да извршите притисок врз српската влада да бара мое итно и достоинствено ослободување и да го прекине своето соучество во геноцидот, вели студентот Огњен Марковиќ во видео објавено на социјалните мрежи.

1,238

Ако го гледате ова видео, тогаш сум уапсен, порача Огњен Марковиќ, студент од Србија, непосредно пред израелската војска да го пресретне бродот што пренесувал хуманитарна помош за Газа.

Неговиот брод, наречен „Адара“, бил дел од флотата „Сумуд“, чие пловење го прекинаа израелските воени сили, јави српска Нова.






Студентите од белградскиот Факултет за драмски уметности, каде што учи Марковиќ, потврдија дека тој бил дел од интернационалната хуманитарна мисија.

– Ве повикувам да извршите притисок врз српската влада да бара мое итно и достоинствено ослободување и да го прекине своето соучество во геноцидот – истакна Марковиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, запрашан за случајот со студентот изјави:

– Честопати сме морале да се справуваме со неодговорни луѓе, имаме колку што сакате од овие спасители на светот. Денес, на крајот, кога не се во можност да се спасат себеси, ја повикуваат државата на помош. Државата, секако, секогаш е тука да помогне и секогаш ќе направи сè што може.

Судбината на останатите членови на флотата „Сумуд“, која превезуваше храна и медицински материјали за населението во Појасот Газа, останува непозната. Израелските власти сè уште не излегоа со официјално соопштение по повод инцидентот.

Во меѓувреме, протести избија во Европа поради приведувањето на флотата, во која патуваше и познатата активистка Грета Тунберг.

Пресретнувањето на флотилата го осудија и Турција и Хамас, нарекувајќи го израелското дејствување „чин на тероризам“ и кршење на меѓународното право.

Во знак на протест, најголемиот италијански синдикат најави генерален штрајк, а демонстрации се одржаа во повеќе италијански градови, меѓу кои и Неапол, каде што демонстранти го блокираа железничкиот сообраќај.

Поврзани содржини