ЈАНЕВСКА ИМ ПОСАКА НА СТУДЕНТИТЕ ДА ОСТАНАТ ДОМА И ПО СТУДИИТЕ На студентите им се на располагање 3.100 стипендии во повеќе категории

79

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, на првиот академски час ја поздрави новата генерација студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

– Сите вие кои верувате дека токму тука ќе добиете знаења, вештини и поддршка за да израснете во лидери кои ќе ја водат Македонија во 21 век, сте на вистинското место, во својата земја, на најстариот универзитет, каде професорите имаат одговори на сите ваши прашања и подготвени се вашиот ентузијазам да го насочат кон дисциплина и одговорност да изградите капацитети за живот во свет што брзо се менува – рече Јаневска.






Во присуство на ректорката Биљана Ангелова, проректорите, деканите и професорите, како и на претседателот на Националното студентско тело Александар Николовски, министерката Јаневска укажа дека институциите се посветени на подобрување на квалитетот на домашното високо образование и креирање услови за подобар живот на младите во сопствената земја.

– Посакувам да останете во својата земја и по студиите. Тука да ја изградите својата и семејната иднина. Тоа е единствениот пат што води кон просперитет на Македонија – рече Јаневска.

Таа посочи дека во изминатиот период се донесени низа мерки за подобар студентски стандард, за поголема финансиска поддршка и осовременување на студиските програми.

– Успеавме да ја откочиме реконструкцијата на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Шапкарев“, како и изградбата ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. Го проширивме опфатот за студентски оброк, работниот однос на студентите повеќе не е услов за да ги добиваат средствата. Очекувам следната година да имаме ново покачување на дневниот износ. На студентите им се на располагање 3.100 стипендии во повеќе категории, а постапките за аплицирање, како и оние за сместување во студентски домови, се целосно дигитализирни – рече Јаневска.

Министерството за образование и наука го реши повеќегодишниот проблем со бесплатниот јавен превоз на студенти во главниот град. Донесен е и Законот со кој студентите на државните и на приватните факултети ќе добијат вредносни ваучери за обезбедување персонален компјутер, таблет или лаптоп, и за редовните и за вонредните студенти.

Ова е првата генерација студенти која ќе може бесплатно да ги користи научните бази Web of science и Scopus за работа на научни и стручни трудови.

 

Поврзани содржини