СВЕТСКИ СТАНДАРДИ ЗА ДРАГОР, МОДЕРЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ Коњановски ја почна трката за втор мандат за градоначалник на Битола

Ќе продолжиме со комплетна модернизација на градската инфраструктура, со нови улици, велосипедски патеки и со современи јавни простори. Ќе продолжиме да инвестираме во зелената иднина преку паметни решенија, со што Битола ќе чекори стабилно кон одржливиот урбан развој, рече денеска Тони Коњановски, кандидат од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Битола.

600

 

Зад себе оставам мандат со четири години посветена работа, период, во кој сите заедно бевме сведоци дека Битола живееше во ритам на градење, а сега доаѓа ново време, рече денеска Тони Коњановски, кандидат од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Битола, кој е в трка за втор мандат.






– Се градеше насекаде, од централното градско подрачје, до најоддалечените рурални места. Се работеше на јавните објекти, топлификацијата, инфраструктурата, културата, спортските објекти, се изградија патишта од над 50 километри. И сè уште се гради, не само поради проектите кои што ги започнавме, туку затоа што веруваме дека нашиот град заслужува да има иднина, заслужува да биде поквалитетно место за живеење и заслужува да се движи напред – рече Коњановски.

Поставивме цврсти темели, додаде тој, врз кои ќе може да се надоградува една модерна, урбана, чиста и динамична Битола – темели на инфраструктура, на енергетска ефикасност, на нови образовни стандарди, на култура и спорт, на заштита на животната средина.

– Сега, драги мои сограѓани, доаѓа ново време. Доаѓа период во кој трудот што го вложивме, ќе почне да носи видливи резултати. Следните 4 години ќе донесат реализација на нови проекти и години на живеење со резултатите од сето тоа што го работевме. По изградбата на булеварскиот влез од страната на Прилеп, соодветен булеварски влез ќе има и од страната на Охрид. Јавниот превоз ќе биде едно од најзначајните задачи во овој мандат. Симболот на Битола, реката Драгор, ќе биде уредена по светски стандарди. Ќе продолжиме со комплетна модернизација на градската инфраструктура, со нови улици, велосипедски патеки и со современи јавни простори. Ќе продолжиме да инвестираме во зелената иднина преку паметни решенија, со што Битола ќе чекори стабилно кон одржливиот урбан развој. Грижата за образовните и спортските капацитети останува наш приоритет, бидејќи во младите е нашата иднина. Создадовме помодерен, дигитализиран и ефикасен локален сервис, кој веќе е поблиску до граѓаните. Ваквиот пристап ќе го надградуваме и прилагодуваме на нивните потреби – рече Коњановски.

Културата и спортот ги издигнавме на ниво на светски случувања, додаде тој. Битола, рече Коњановски, е препознатлива на светската мапа на спортски настани во ракометот, фудбалот, кошарката, кои се одигруваат во современи услови.

– Ќе продолжиме уште повеќе да ја издигнуваме Битола во спортски рамки, преку одржување на голем број меѓународни спортски настани и надградба на спортските капацитети. Создадовме културни брендови, препознатливи не само во регионот, туку и надвор од државата. Тука е Зимската приказна, Битфест, гостување на врвни музички, театарски и уметнички имиња. Ќе го јакнеме веќе создадениот квалитет, надградувајќи го со уште поволеми културни вредности – рече Коњановски.

Битола е град на историјата и традицијата, но и град на млади луѓе кои имаат право да сонуваат за сопствена иднина дома, во својот град, додаде Коњановски.

– Затоа, заедно со мојот тим, ќе продолжиме да работиме на создавање на нови работни места, да привлекуваме инвестиции и да ги задржиме младите, нудејќи им квалитетен живот. Да ја јакнеме локалната економија со социјален напредок. Ќе го поддржиме локалниот економски развој и новите работни места, преку партнерство и соработка со бизнис секторот – рече тој.

Јас верувам во Битола, посочи Коњановски.

– Верувам во нејзината иднина. Верувам во решителноста да создадеме уште поубав живот овде, дома. Нашата визија за Битола не е само ветување, визијата веќе се остварува. Секој проект, секоја улица, секоја нова можност е доказ дека заедно можеме многу. Ве поканувам повторно да тргнеме по истиот пат на развој, современост и достоинствен живот. Со вашата доверба, со нашето заедничко залагање, Битола ќе продолжи да расте и да биде град со кој сите ќе се гордееме – рече кандидатот за градоначалник на Битола, Тони Коњановски.

 

Поврзани содржини