ЛАБУДОВИЌ НАЈАВИ ГЕНЕРАЛКА НА ЦЕНТАР ВО ПРВИТЕ 100 ДЕНА Ќе соработува и со идниот градоначалник на Скопје
Кандидатот на ЗНАМ најави катни и монтажни гаражи во Буњаковец, Капиштец и во близина на новата железничка станица, со цел конечно да се реши хроничниот проблем со паркирањето.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, првиот ден од изборната кампања го започна со гостување во утринската програма на ТВ Сител, каде ја претстави својата визија за Центар – уредена, безбедна и еколошка општина која ќе биде вистински дом за своите граѓани.
– Центар мора да добие системски решенија. На граѓаните им е потребен ред, чистота, безбедност и функционален урбанизам, а не хаос и бетонизација – порача Лабудовиќ.
Тој најави низа конкретни проекти и тоа: катни и монтажни гаражи во Буњаковец, Капиштец и во близина на новата железничка станица, со цел конечно да се реши хроничниот проблем со паркирањето. Темелно чистење на Центар во првите 100 дена од мандатот и воспоставување современ систем за хигиена. Безбедни рути до училиштата за децата – решение кое ќе гарантира дека секое дете безбедно стигнува до наставата. Селекција и рециклирање на отпадот со енергетски бенефити – Центар да стане првата општина со вистинска зелена политика. Младински иновативен центар како ново јадро за креативност и развој на младите. Мирен и квалитетен живот за жителите, со балансирање на ноќниот живот и поддршка за угостителите.
Осврнувајќи се на досегашното работење на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, Лабудовиќ рече:
– Центар денес е жртва на масовна бетонизација и неконтролирани дозволи за градба кои го уништуваат зеленилото и ја загрозуваат животната средина. Тоа мора да престане. Ние имаме системски решенија – долгорочни и одржливи, кои ќе донесат ред и ќе го заштитат она што е највредно – животот и здравјето на луѓето.
Лабудовиќ најави и координирана соработка со идниот градоначалник на Град Скопје, при што сите одлуки и проекти ќе бидат усогласени и во интерес на граѓаните.
– Заедно ќе изградиме Центар кој ќе биде пример за чесно, одговорно и визионерско водење на општината – порача Лабудовиќ.