„ОТСЕГА ЌЕ БИДЕМЕ ЗАЕДНО И ТОГАШ КОГА ЌЕ БИДЕМЕ ОДВОЕНИ“ Сиљановска Давкова ќе го конституира Советот за дијаспора

Што се однесува до 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со САД, таа рече дека посакува и во следните 30 години да продолжиме со стратешкото партнерство бидејќи „живееме во време невреме и сиот дух треба да го прибереме оти тоа е она што ќе го движи човештвото напред“.

173

Она што мислам дека треба час поскоро да го направам е да го конституирам Советот за дијаспора за да може преку него континуирано да си ги регулираме односите, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, обраќајќи се на нашинците кои присуствуваа на настанот по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со САД.

– Должници сме кон вас и јас ветувам дека сè што можам ќе сторам за да ги интензивираме контактите и за да бидеме заедно и тогаш кога сме одвоени – рече Сиљановска-Давкова.






Како што јави известувачот на МИА, таа им порача да останат сплотени, да не ги пренесуваат делбите, но и да не создаваат делби надвор.

– Секогаш ги молам граѓаните да не ги пренесуваат делбите и да не создаваат делби надвор. Затоа посакувам да останеме заедно, но и овде да останете заедно оти секој има потреба од некој друг – рече претседателката.

Таа укажа дека прекрасно се чувствува секогаш кога ќе дојде овде во земја во која, вели, за да успеете навистина треба да имате знаење и интегритет.

– Знам дека вие сте најдоброто, за жал, најдоброто заминува. Знам дека ова е вашата втора татковина. Ви се извинувам за неправдите кон вас, знам дека има шанса заедно да ја смениме и татковината ама и човештвото, бидејќи светот не оди во добар правец – порача Сиљановска-Давкова.

Што се однесува до 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со САД, таа рече дека посакува и во следните 30 години да продолжиме со стратешкото партнерство бидејќи „живееме во време невреме и сиот дух треба да го прибереме оти тоа е она што ќе го движи човештвото напред“.

– Кога слушам понекогаш „America the great“, си велам па не е лошо во овие чудни времиња да имате за пријател некој којшто е „the great“, оти тогаш и вие не сте мали – истакна претседателката Сиљановска-Давкова.

На настанот присуствуваа и министрите за надворешни работи и за евроинтеграции, Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани, кои ја придружуваат претседателката на работната посета во САД, како и претставници на дипломатскиот кор и истакнати гости од јавниот и општествениот живот.

Од воспоставувањето на дипломатските односи со САД до денес континуирано се продлабочува политичкиот дијалог, а заедничките напори придонесуваат за унапредување на демократијата, безбедноста и стабилноста во регионот, Европа и светот.

Во 1994 година е отворена првата Канцеларија за врски во Вашингтон, а една година подоцна се отвори и Амбасадата.

Поврзани содржини