НАРОДНА БАНКА Е ПОДГОТВЕНА ЗА ОДГОВОР НА ПРЕДИЗВИЦИТЕ Славески оцени дека најголемата неизвесност за економијата доаѓа од трговските тензии меѓу САД и остатокот на светот
Гуверенрот на Народна банка оцени дека во овој контекст одлучувањето на монетарната политика е неопходно да се темели на широк спектар на податоци и анализи, изготвување алтернативни сценарија и пред сè –посветеност на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс.
Народната банка останува подготвена да одговори на евентуални непредвидливи предизвици, потпирајќи се на искуството од справувањето со екстерни шокови во минатото. Од суштинско значење е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилитетот на нејзините политики. Солидното ниво на девизни резерви е гаранција за стабилноста на девизниот курс на националната валута, рече гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во обраќањето на 24. Конференција на Македонска берза.
Според него, со оглед на високата трговска отвореност на нашата економија која по пандемијата со ковид 19, во просек достигна околу 150% од БДП, се зголемува и нејзината чувствителноста на промени во надворешното опкружување.
Славески оцени сега најизразени се неизвесностите поврзани со новите трговски политики на САД и потенцијалните реципрочни мерки од големите светски економии.
-Иако директната изложеност кон американскиот пазар е мала, индиректните ефекти преку намалување на побарувачката во ЕУ не се занемарливи. Дополнителна загриженост отвораат можните ефекти врз глобалната инфлација преку синџирите за снабдување и инфлациските очекувања – рече Славески.
Тој оцени и дека трговските тензии се надоврзуваат на постојната неизвесност поврзана со геофрагментацијата, политичките нестабилности и состојбата во германската автомобилска индустрија. Дополнително, брзиот развој на технологијата и вештачката интелигенција, кои нудат огромни можности, истовремено можат да предизвикаат и зголемени ризици за монетарната политика во иднина.
Во однос на одговорот на монетарната политика на ваквите предизвици, тој подвлече дека е неопходно одлучувањето да се темели на широк спектар на податоци и анализи, изготвување алтернативни сценарија и пред сè –посветеност на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс.