ТРАМП ВОВЕДУВА ТАКСА ОД 100.000 ДОЛАРИ ЗА ПРИВРЕМЕНА РАБОТНА ВИЗА На удар технолошките компании
Најавената реформа на програмата за визи H-1B е најзначајниот обид досега од страна на администрацијата на Трамп за реформа на системот за привремени работни визи.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе им наплаќа на компаниите 100.000 долари годишно за H-1B привремена работна виза, што би можело да нанесе сериозен удар на технолошкиот сектор кој во голема мера се потпира на експерти од Индија и Кина.
Официјалната цел на овие мерки е да се обесхрабри вработувањето странци на работни места за кои администрацијата на Трамп верува дека можат да бидат пополнети од американски работници.
Се очекува најновата реформа да има особено силен ефект врз технолошката индустрија, која во голема мера се потпира на програмата за визи H-1B за пополнување на позиции за софтверски инженери, ИТ аналитичари и други професионалци.
-Ако обучувате некого, тоа ќе бидат луѓе кои неодамна дипломирале на еден од големите универзитети низ нашата земја. Обучете ги Американците. Престанете да носите луѓе кои ни ги одземаат работните места – изјави министерот за трговија Хауард Лутник.
Покрај тоа, се планира да се промени методот на пресметување на просечните плати што се користат во системот H-1B, што би го отежнало исполнувањето на условите за добивање виза.
Најавената реформа на програмата за визи H-1B е најзначајниот обид досега од страна на администрацијата на Трамп за реформа на системот за привремени работни визи.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп воведе голем број антиимиграциски мерки, а некои од неговите потези беа насочени кон ограничување на одредени форми на легална имиграција во САД.