ЛАВРОВ ГО ОСУДИ НАПАДОТ НА ДОХА Русија предупредува за последиците од израелската акција во Катар
Рускиот министер за надворешни работи оцени дека нападот на Израел ја крши Повелбата на ОН и го загрозува суверенитетот на Катар, додека Москва најавува поддршка за регионалните организации.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека нападот на Израел врз Катар претставува грубо кршење на меѓународното право и може да доведе до натамошна дестабилизација на Блискиот Исток.
– Ја примивме веста за оваа акција со длабока загриженост. Ја сметаме за грубо кршење на меѓународното право, пред сè на Повелбата на ОН, и како посегнување по суверенитетот и територијалниот интегритет на независна држава. Овој чекор води кон натамошна дестабилизација на ситуацијата на Блискиот Исток – рече Лавров на состанокот на Стратешкиот дијалог на Советот за соработка меѓу Русија и земјите од Заливот.
Лавров оцени дека таквите акции „заслужуваат најостра осуда“ и најави дека на денешниот состанок ќе бидат разгледани заеднички чекори за минимизирање на негативните последици врз регионот.
– Русија ќе биде подготвена да помогне на Советот за соработка на секој можен начин, во рамките на Советот, во рамките на Арапската лига и, колку што разбирам, и во рамките на Организацијата за исламска соработка – додаде Лавров.