„ЛИЦЕМЕРИЕ, ДВОЈНИ СТАНДАРДИ И ЕКОНОМСКА ЖРТВА“ Вака Орбан ја опишува денешната ЕУ

Унгарскиот премиер отвори нов фронт против Европската Унија, од забрзаното членство на Украина, до миграцијата и нападите врз неговите сограѓани во Италија.

511

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно упати жестоки критики кон Европската Унија, обвинувајќи ја за лицемерие, двојни стандарди и политики што, според него, ги загрозуваат и економијата и безбедноста на Европа.

Орбан објави на социјалната мрежа Икс дека Брисел на сила се обидува да го забрза пристапувањето на Украина во Унијата, притоа игнорирајќи ги реалните критериуми и економските последици.






– Проширувањето не може да се темели на жртвување на европската економија. Ние се залагаме за суверенитет, праведност и мир – нагласи унгарскиот премиер.

Тој ги обвини европските лидери дека се залагаат за заедничко задолжување со цел да создадат „Соединети Европски Држави“ и предупреди дека војната во Украина се користи како изговор за, како што рече, „финансиски пранги врз европските нации“.

Инцидент во Италија и критика на миграциската политика

Освен за проширувањето, Орбан овојпат се осврна и на проблемот со миграцијата, реагирајќи на инцидент во Катанија, каде тројца мигранти нападнале две млади унгарски државјанки.

Според информациите, напаѓачите, кои нелегално престојувале во Италија, биле уапсени откако девојките биле однесени на осамено место и малтретирани.

– Му благодарам на Матео Салвини што застана во одбрана на унгарските девојки. Овој напад уште еднаш докажува дека миграциската политика на Европската комисија е неуспешна и опасна. Наместо да се спречи миграцијата, тие се занимаваат со бирократски игри – порача Орбан.

Тој оцени дека овој случај на сексуално насилство е директна последица на погрешните политики на ЕУ, истакнувајќи дека „ова паѓа на совеста на бриселските бирократи“.

Барање за надомест и отворена конфронтација со Брисел

Унгарскиот премиер потсети дека неговата земја од 2015 година спречила влез на повеќе од еден милион нелегални мигранти и побара Европската Унија да ѝ ги надомести трошоците за заштита на границата.

Според него, и покрај тие напори, Унгарија и понатаму се соочува со дневни казни од еден милион евра од Брисел.

Со ваквите изјави Орбан уште еднаш ја продлабочи конфронтацијата со европските институции, отворајќи две горливи теми, проширувањето на Унијата и миграциската политика, на кои тој гледа како директна закана за суверенитетот на земјите членки.

Поврзани содржини