СО КУПИШТА ЃУБРЕ МАТКА ГИ ПРЕЧЕКА ВЕРНИЦИТЕ И ГОСТИТЕ ЗА ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА Зошто Општина Сарај не го собра ѓубрето барем за празникот?

Порано, за празникот Голема Богородица, не само што се чистело ѓубрето, туку се кастреле и гранките на дрвјата долж патот. Општина Сарај, која е надлежна за одржување на чистотата во Долна Матка, треба да одговори зошто Матка не е исчистена за големиот празник на селото.

1,996

За празникот Голема Богородица, Матка денеска ги пречека гостите со купишта ѓубре.

На кривината кога се влегува во Долна Матка, каде што е поставен само еден контејнер, ѓубрето е расфрлано и растурено на речиси половина улица и возилата мора да го заобиколуваат.






– Утрово рано стасав во Долна Матка, каде што имаме викендичка, за да ја избегнам гужвата, која за овој празник е голема, бидејќи Голема Богородица е празник на селото. За жал, на самата кривина на влезот во Долна Матка ме пречека поразителна глетка. Сето ѓубре беше растурено на самата улица и возилата мораа да го заобиколуваат. Навистина, срамота за комуналното претпријатие на Општина Сарај, каде редовно месечно плаќаме по 300 денари за ѓубретарина – вели сопственичка на викендичка во Матка.

Жителите на Матка сведочат дека до пред некој месец на таа локација имало два контејнера, а сега е само еден.

– Никогаш контејнерите не се празнеле на дневна основа. Не ни знаеме во кој ден од неделата ги празнат. Во цела Долна Матка на улицата која не е подолга од еден километар има само 5 контејнери. На овој дел од селото се сконцентрирани поголемиот дел од куќите и викендичките. За разлика од состојбата во Долна Матка, во соседното село Глумово, комуналното претпријатие два пати неделно го собира сметот од пред куќите на жителите – вели С. Т., жител на Матка.

Порано, за празникот Голема Богородица, не само што се чистело ѓубрето, туку се кастреле и гранките на дрвјата долж патот. Општина Сарај, која е надлежна за одржување на чистотата во Долна Матка, треба да одговори зошто Матка не е исчистена за големиот празник на селото. За денот кој жителите го чекаат цела година и традиционално се подготвуваат да го празнуваат со своите најблиски роднини и пријатели.

На овој ден и многу верници го посетуваат манастирот во Матка, каде традиционално се одржуваат вечерни и утрински литургии, како и бдеење. Во пресрет на денешниот празник Успение на Пресвета Богородица во истоимениот манастир кај Матка синоќа од 18:30 часот се одржа вечерна богослужба, а во 22:45 часот почна сеноќното бдение.

Денеска од 8:30 часот се одржа светата божествена литургија, која поради големиот број верници се одржа во дворот на манастирот.

Традиционално во манастирот на празникот се одржува и крводарителска акција, како и сенароден собир, на кој се дели празничен ручек.

Овој празник за скопјани е значаен зашто Богородица се смета за заштитничка на градот.

 

Поврзани содржини