„ЧУДЕН, ПОВЛЕЧЕН И ФАСЦИНИРАН ОД НАЦИЗМОТ“ Што велат соучениците за момчето од Србија обвинето за убиство на муслиманка во Осло
Еден од соучениците на Ѓорѓе В. раскажува дека уште од почетокот се однесувал чудно, никогаш не се вклопил во одделението и бил мета на малтретирање. Долго време не покажувал интерес за политика, но подоцна почнал да се фасцинира од нацизмот, а дури рекол и дека силувањето е во ред, што тогаш било сфатено како глупост.
Соучениците и познаниците го паметат 18-годишното момче со потекло од Србија, Ѓорѓе В., осомничено за убиството на вработена во установа за заштита на деца во Осло, како чудна и повлечена личност, објави Србија данас.
Момчето со германско државјанство, а чиишто родители се од Србија, е осомничено дека во неделата убил 34-годишна жена, вработена во установата за заштита на деца во Кампен, Осло.
Бруталното убиство ја шокираше земјата, а според медиумите, жената била сама на работното место кога ја нападнало момчето, кое живеело во установата.
Што се знае за осомничениот?
Според норвешките медиуми, тој во Норвешка дошол како дете од Србија и поголемиот дел од младоста го минал во Валдрес, каде што посетувал средно училиште. Во тој период бил и активен стрелец. Во годишниот извештај на Ловечкото и риболовното здружение во Хедален за 2022 година е наведено дека освоил трето место во категоријата Д2 на норвешкото првенство во „Јактфелт“ во Тинсет. На неколку фотографии позира со ловечко оружје.
Неговите соученици го опишуваат како „чудно и повлечено“ момче кое никогаш не го пронашло своето место во училницата.
– Од почеток се однесуваше малку необично. Никогаш не беше дел од одделението, а некои од останатите ученици го малтретираа – изјави еден негов училишен другар.
Почнал да покажува фасцинација кон нацизмот
Според нив, долго време не го интересирала политиката, но кон крајот на првата година во средно училиште почнал да покажува фасцинација со нацизмот.
– Еднаш рече дека мисли оти силувањето е во ред. Но, ние тоа тогаш го сфативме како глупост и не го сфаќавме сериозно. Иако веројатно звучеше сериозно, особено кога сега се гледа ретроспективно – додаде негов другар.
Многумина го опишуваат Ѓорѓе како еднострано насочен и опседнат со тесни интереси. Ретко учествувал во општествени настани и најчесто бил дома.
– Не зборуваше многу за тоа што го интересира, најчесто беше дома и никогаш не беше меѓу луѓето на забави или слично – посочи негов пријател.
Тој додаде дека еднаш удрил еден ученик, но инцидентот немал никакви последици.
– Не беше крупно момче, па ударот не беше силен – додаде поранешен соученик.
Службите долго го следеле
Безбедносната служба на полицијата долго го следела момчето. Веќе во февруари 2024 година службениците добиле дојава за 18-годишник од друг полициски округ, но заклучиле дека претставува мала закана. Кога спровеле нова проценка во јануари 2025 година, дошле до ист заклучок.
Во април 2025 година добиле нови информации од полицискиот округ Осло за неговите десничарски екстремистички ставови. Тоа не било сметано за нова информација и проценката не се променила.
Во текот на летото биле примени повеќе извештаи за загриженост, но дури и тогаш не било преземено ништо повеќе освен тоа што бил отворен како тема на редовниот состанок меѓу безбедносната служба и полицијата во Осло.
Истовремено, момчето било под истрага и заради закани упатени кон еден јавен службеник и неколку вработени во службата за заштита на деца.
Убиството во Осло
Жртвата е идентификувана како 34-годишната Тамима Нибрас Јухар, родена во Етиопија, која работела во дом за социјална помош на деца во Осло. Таа била муслиманка и во моментот на нападот била на должност, кога била усмртена со тешки убодни рани и исеченици.
Семејството и пријателите ја опишуваат како грижлива и инклузивна личност, социјално ангажирана и борец против неправдата, која била центар на својот семеен и пријателски круг.