📷 КРАЛСКИ ПИТОН ЛАЗЕЛ СРЕД УЛИЦА ВО ЗАГРЕБ Минувач се запрепастил кога ја видел огромната змија, еве што се случило
Загрепчанец доживеал невообичаена ситуација во населбата Кајзерица кога сред улица налетал на голема змија, кралски питон што исплашено ползел. Тој веднаш ја фотографирал змијата и ги објавил фотографиите во неколку групи на Фејсбук, објави хрватски Вечерњи лист.
За среќа, наскоро му се јавил човек кој не само што се разбирал во змии, туку и самиот дома имал два кралски питона.
– Го видов постот што кружи по социјалните мрежи и веднаш стапив во контакт со човекот. За отприлика полчас ја зедов змијата. Станува збор за целосно безопасен вид. Овој конкретен питон е млад мажјак, има околу две и пол години и е долг приближно еден метар, практично е бебе – изјавил анонимниот Загрепчанец, кој сега го нарекуваат јунак за змии.
Питонот останал кратко кај него бидејќи наскоро се јавила и сопственичката. Таа објаснила дека била на одмор, а лицето што требало да се грижи за питонот направило пропуст поради кој змијата успеала да побегне.