НЕМА ВЕЌЕ НЕЈАСНИ ДОГОВОРИ СО БАНКИТЕ Народна банка донесе нови правила за банкарите
Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување" по примерот на напредните европски практики
Народната банка донесе нови правила и механизми за контрола на финансиските институции со кои ја подобрува заштитата на правата и интересите на потрошувачите.
Со овие правила, како што соопштија од Нардона банка, се придонесува за потранспарентна и пофер средина за користење на финансиските услуги, како и поголема финансиска инклузија.
Новите правила се содржани во четири одлуки на Советот на Народна банка донесени на последната седница.
Првата се однесува на обврската на финансиските институции да обезбедат јасни, релевантни и навремени информации за производите и услугите. Со неа се воведува задолжителна обврска за банките да обезбедат точни, разбирливи и навремени информации на потрошувачите, особено пред склучувањето договори за кредити и депозити.
– Информациите треба да дадат јасни насоки во однос на основните придобивки, ризиците и условите за користење на производот или на услугата, вклучително и за трошоците поврзани со финансиските производи и услуги – велат од Народна банка.
Втората одлука обезбедува фер и транспарентен пристап при склучување и примена на договорите со потрошувачите. Со неа се воспоставуваат стандарди за фер пристап кон потрошувачите, како и забрана за нефер, измамнички и агресивни деловни практики.
– Се дефинираат основните можни ризиците кои треба јасно да им бидат објаснети на потрошувачите пред склучување на договор, а банките се задолжуваат да донесат интерни акти со кои ќе обезбедат фер практика и недискриминација, вклучително и во однос на потрошувачите со попреченост – велат оод НБ.
Со посебна одлука се воспоставува систем за прием, евиденција и правично постапување со поплаките на потрошувачите. Со неа се уредува начинот на поднесување, прием и разгледување на поплаки во банките, како и обврска за почитување на рокови за одговарање на поплаките и формирање посебна организациска единица или назначување лице задолжено за заштита на потрошувачите во банките и штедилниците.
Народна банка го утврди и начинот на вршење контрола над работењето на финансиските институции во доменот на заштитата на потрошувачите со која се пропишуваат основните видови на контроли во доменот на заштита на потрошувачите.
Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување” по примерот на напредните европски практики.