РАКОВОДСТВАТА НА УКИМ И НА СЕИЗМОЛОШКАТА ОПСЕРВАТОРИЈА ЌЕ ТРЕБА ДА ГИ ЗАСУКААТ РАКАВИТЕ Пари има, само треба да се дојде до нив, им порача Јаневска
Опсерваторијата е дел од Природно-математичкиот факултет, кој е единка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кој има буџет и треба да води сметка за неговите сопствени приоритети, рече Јаневска.
Министерството за образование и наука ќе продолжи да вложува напори за подобрување на условите во Сеизмолошката опсерваторија, но треба да се потрудат и раководството на институцијата и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ под чија надлежност е, да бараат и други начини на финансирање и обезбедување опрема. Тоа го истакна ресорната министерка на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања за состојбата на опсерваторијата.
Таа изрази задоволство што опсерваторијата добила проект со кој ќе можат да купат две до три мерни станици. Опсерваторијата е дел од Природно-математичкиот факултет, кој е единка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кој има буџет и треба да води сметка за неговите сопствени приоритети.
– Универзитетите и факултетите во Македонија се борат за својата автономија и јас максимално ги поддржувам во тоа. Но, кога станува збор за нивните потреби генерално во опрема тогаш се повикуваат на државата. Државата своите обврски ги остварува кон универзитетите и кон факултетите, за оваа година тврдам дека сме направиле максимум што сме можеле. И понатаму ќе ги помагаме универзитетите зашто јас тврдам дека она во што со светот ние можеме да се натпреваруваме е науката, високото образование. Но и тие треба да си ја сфатат обврската дека треба да се потрудат и раководството на опсерваторијата и на Универзитетот да бараат разни други начини за финансирање освен од Министерството. Има фондови во Европската унија, ИПА Фондови, компании кои соработуваат со образованието и многу други можности кои можат да ѝ помогнат на државата – рече Јаневска.
Таа додаде дека не треба да бидеме загрижени дека ќе останеме без сеизмолошка опсерваторија, посочувајќи дека имаме долга историја на сеизмичко следење и со земјотреси и со катастрофален земјотрес, а го имаме и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје.
Со завршување на тригодишната меѓународна иницијатива за следење на движењето на Јадранската микроплоча – AdriaArray, на почетокот на 2026 државава ќе остане без мрежата од 13 сеизмолошки станици со кои се следи сеизмичката активност односно просторно-временската застапеност на земјотресите.