КОГА ВАШЕТО ТЕЛО Е КАКО МЕТЕОРОЛОГ… Дали ја чувствувате промената на времето во главата или во коските?
Чувството на „вртење“ во рацете и нозете, главоболките, вртоглавиците... Сето ова се добро познати симптоми по кои метеоропатите ќе речат - доаѓа промена на времето.
На некои луѓе не им е потребна временска прогноза за да знаат дека доаѓа промена на времето. Тие ја чувствуваат „во коските“, во главата, во промената на расположението… Луѓето кои реагираат на промените на временските услови обично се нарекуваат метеоропати, а во последниве години нивните проблеми се сфаќаат посериозно.
Истражувачите истакнуваат дека проблемите не се предизвикани од самите временски услови, туку нивната промена. Пред сѐ, ненадејните промени во атмосферскиот притисок, влажноста или температурата, што можат да ја намалат заситеноста на крвта со кислород, а истовремено да предизвикаат хормонални флуктуации и кардиоваскуларен стрес.
Како што наведува „Вашингтон пост“, студиите објавени во списанијата „Brain Research Bulletin“ и „PLoSOne“ покажале дека падот на притисокот го активира автономниот нервен систем и ја зголемува чувствителноста на болка кај луѓето со хронични заболувања. Ова, пак, може да доведе до анксиозност и нарушувања на спиењето.
Иако медицината сè уште не ја признава метеоропатијата како формална дијагноза, постојат сè повеќе докази дека таа постои.
Студиите покажале дека атмосферската нестабилност може да влијае на нивото на хормони, начинот на кој телото ја обработува болката, што може да ги објасни нападите на мигрена, вкочанетоста на зглобовите и заморот кога времето се менува.
Тим од Центарот за главоболка и болки на Универзитетот во Синсинати открил дека молњата во радиус од 25 милји го зголемува ризикот од мигрена за 31 процент. Исто така, зголемувањето и намалувањето на густината на воздухот може да предизвика мигрена и главоболки од напнатост.
Јапонска студија од 2023 година открила дека падовите на притисокот, скоковите на влажноста и дождот се поврзани со зголемени главоболки.
Дополнително, студија објавена во списанието Annals of Medicine ги поврзала временските промени со зголемена болка предизвикана од остеоартритис.
Списание за физиологија објавило научен труд што укажува дека големата надморска височина може да го промени протокот на крв во мозокот, а истото е забележано при доаѓањето на невреме.
Дали можеме да си помогнеме?
Метеоропатите се справуваат со своите симптоми на различни начини. Сепак, постојат техники што можат да им помогнат да ги ублажат симптомите.
Водете дневник – следењето на симптомите поврзани со временските услови може да помогне во предвидувањето кога симптомите ќе се влошат.
Земајте додатоци во исхраната – треба да се консултирате со вашиот лекар пред да земете какви било додатоци во исхраната, но додатоците како што се магнезиумот и витаминот Б2 можат да помогнат во намалувањето на фреквенцијата на мигрената.
Не заборавајте да се движите – лесната активност помага во одржувањето на циркулацијата и подвижноста на зглобовите.
Медитирајте – медитацијата и вежбите за дишење помагаат во регулирањето на нервниот систем, но и во лекувањето на хроничната болка.
Бидете проактивни – кога ќе почувствувате дека вашите симптоми се влошуваат, реагирајте – посветете повеќе време на спиење, намалете го стресот (колку што е можно повеќе) и поминете повеќе време во природа и релаксација.
Користете носливи уреди – паметните часовници и фитнес алките можат да помогнат во следењето на промените во вашата физичка состојба и поврзувањете со атмосферските промени. Колку повеќе информации добивате, толку полесно ќе ви биде да ги препознаете најраните знаци и да ги ублажите болката и непријатноста.