ПЕКОЛНОТО ВРЕМЕ СЕ ПОВЛЕКУВА Утре утрото ќе биде сончево, но попладне грмежи и дожд

По серијата тропски денови, доаѓа промена. Повремени дождови и ретки грмежи попладне, а од понеделник уште поизразена промена.

9,816

По неколкудневниот топлотен бран со екстремно високи температури што на некои места во земјава надминаа дури 43 степени, метеоролозите од УХМР најавуваат дека од утре следува мало олеснување. Температурите низ целата држава ќе се спуштат под 38 степени, а во некои региони ќе има и појава на нестабилно време, со краткотрајни поројни дождови и грмежи – особено во попладневните часови и тоа главно на вторник.

Времето утре ќе биде претежно сончево и топло, со мала до умерена локална облачност. Попладне, постојат услови за развој на нестабилност, проследена со краткотраен дожд и грмежи, додека во западниот дел од земјата ветерот од југозапад ќе биде повремено засилен. Кон крајот на денот, ќе се очекува промена на ветерот во северен, што ќе придонесе дополнително за намалување на температурите.






Минималните утрински температури ќе бидат најниски во Берово, околу 14 степени, а највисоки во Скопје и во Гевгелија – до 22 степени. Дневните температури ќе бидат најпријатни во Маврово со 27 степени, додека најжешко и понатаму ќе остане во Гевгелија, каде максималната температура ќе се искачи до 38 степени.

Во главниот град, Скопје, времето ќе остане сончево и многу топло, но попладне ќе има умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе постои можност за краткотраен дожд и по некој грмеж, а температурата ќе се движи меѓу 22 и 38 степени.

Од понеделник, сепак, следува позначителна промена на временската состојба. Очекувајте променливо облачно и посвежо време, со услови за повремени врнежи од дожд, кои локално може да бидат поројни и проследени со грмежи. Минималните температури ќе се движат од 13 до 22 степени, а дневните од 30 до 36 степени, што за многумина ќе биде посакувано олеснување од екстремните горештини.

Поврзани содржини