КОИ СЕ НАЈКУЛТНИТЕ ГАНГСТЕРСКИ ФИЛМОВИ НА СИТЕ ВРЕМИЊА? Приказните за моќта и за амбицијата се огледало на нашите тајни желби

Жанрот на ганстерските филмови се протега од класичниот холивудски ноар, преку британските улични приказни до суровата реалност на бразилските фавели. Овие филмови се огледала на општества разјадени од нееднаквост, расизам, политичка корупција и од морален распад. А сепак, во сите нив – од „Кум“ до „Градот на Бог“ – се провлекува и нешто човечно.

272

Гангстерските, криминалните и мафијашките филмови се само за пари, дрога и насилство, нели? Ова е чест стереотип кој не е точен. Иако тие елементи се составен дел од жанрот, вистинските гангстерски приказни се многу подлабоки од тоа. Тие раскажуваат за падот на амбицијата, за предавството меѓу браќа, за желбата за контрола и за цената на моќта. Во сржта на секој добар гангстерски филм се крие едно едноставно прашање: колку си подготвен да жртвуваш за да станеш некој и нешто?

Жанрот на ганстерските филмови се протега од класичниот холивудски ноар, преку британските улични приказни до суровата реалност на бразилските фавели. Тие се огледала на општества разјадени од нееднаквост, расизам, политичка корупција и од морален распад. А сепак, во сите нив – од „Кум“ до „Градот на Бог“ – се провлекува и нешто човечно: љубов, вина, семејство, чест, поривот да се биде повеќе од она што си. И сите можеме да се погледнеме во огледало и да се пронајдеме себе во тие приказни, да ја погледнеме нашата светла и нашата мрачна страна.






И покрај сите овие сериозни аспекти, добриот гангстерски филм секогаш е и неодоливо забавен и полн со легендарни цитати. Во случај да барате препораки за филмови од еден од најважните филмски жанрови, еве дел од листата на Емпајр онлајн, која е одлична стартна точка за вас.

Ангели со валкани лица (Angels with Dirty Faces)

„Каква корист има во тоа да ги учам децата дека чесноста е најдобра политика, кога околу нив гледаат дека нечесноста е подобро наградена?“

Детските пријатели Роки Саливан (Џејмс Кејни) и Џери Коноли (Пет О’Брајан) тргнуваат по сосема различни патишта: едниот станува свештеник, другиот криминалец. Оваа емотивна приказна од 1938 година поставува сурови прашања за гламуризацијата на криминалот и за несовршеноста на правосудниот систем.

„Фати го Картер“ (Get Carter)

„Не им верувај на момчињата“.

Безмилосниот гангстер Џек Картер (Мајкл Кејн) патува од Лондон кон Њукасл на погребот на својот брат. Тој се сомнева дека смртта не е случајна и започнува потрага по вистината во локалниот криминален свет. Сив, груб и длабоко британски гангстерски филм.

„Кум“ (The Godfather)

„Ќе му дадам понуда што не смее да ја одбие“.

„Кум“ ја раскажува приказната за тоа како Вито Корлеоне (Марлон Брандо), патријарх на криминално семејство, се обидува да ја пренесе моќта на својот син Мајкл (Ал Пачино). Ова ремек-дело од 1972 година е врв на жанрот и го прикажува судирот на старите традиции со новите времиња.

„Кум 2“ (The Godfather: Part II)

„Ако нешто е сигурно во животот, ако историјата не’ научила нешто, тоа е дека секој може да биде убиен“.

Во 1920-те, младиот Сицилијанец Вито Корлеоне (Роберт де Ниро) започнува криминална кариера во Њујорк. Во 1950-те, неговиот син Мајкл се обидува да ја консолидира ново стекнатата моќ. Вториот дел на „Кум“ е епско достигнување кое стои рамо до рамо со оригиналот.

„Лице со лузна“ (Scarface)

„Јас секогаш ја зборувам вистината. Дури и кога лажам“.

Експлозивниот Тони Монтана (Ал Пачино) го наоѓа својот пат до американскиот сон преку улиците на Мајами. Неговиот пат до богатство и моќ е исполнет со насилство и со алчност и. Римејкот од 1983 година на класиката од 1932 година е приказна за амбицијата како корумпирачка и злобна сила.

„Си било еднаш во Америка“ (Once Upon A Time In America)

„И јас имам приказна, господине секретару… поедноставна од вашата“.

Во 1930-те, Дејвид „Нудлс“ Ааронсон (Роберт де Ниро) е гангстер во Источниот Менхетен. Триесет години подоцна, се враќа во родниот крај и се соочува со духовите од минатото. Последниот филм на Серџо Леоне е епска анализа на жалењето, љубовта и на загубата.

„Недопирливите“ (The Untouchables)

„Се зборува дека ќе ја укинат забраната. Што ќе правиш тогаш?“

Чикаго е под власта на Ал Капоне (Роберт де Ниро), кој, благодарение на корумпираната полиција, изградува алкохолен криминален империум. Федералниот агент Елиот Нес (Кевин Костнер) создава некорумпирана екипа со цел да го урне Капоне.

„Добри момчиња“ (Goodfellas)

„Колку што се сеќавам, отсекогаш сакав да бидам гангстер“.

Хенри Хил (Реј Лиота) го идолизира животот на мафијата во Бруклин. Заедно со Џејмс Конвеј (Роберт де Ниро) и со Томи Де Вито (Џо Пеши), се искачува во мафијашката хиерархија, но почнува да се сомнева во смислата и во довербата во оние кои му се најблиски

„Касапски кучиња“ (Reservoir Dogs)

„Деца, не треба толку грубо да си играте. Некој ќе почне да плаче“.

Г. Вајт го носи тешко повредениот г. Оранж во скривалиштето по неуспешниот грабеж. Како што доаѓаат останатите членови, сомнежот расте – дали меѓу нив има предавник?

„Евтини приказни“ (Pulp Fiction)

„Тоа е на 30 минути од тука. Ќе бидам таму за 10 минути“.

Класиката од 1994 година на Тарантино ги следи мафијашите Џулс и Винсент, боксерот Буч и мафијашката сопруга Миа. Жанровски деконструирана приказна, полна со неочекувани пресврти.

„Казино“ (Casino)

„Кога сакаш некого, мораш да му веруваш“.

Сем „Ејс“ Ротстин (Роберт де Ниро) управува со казино во Лас Вегас за мафијата, но парите и страста ги загрозуваат лојалноста и пријателствата. Спектакл од 3 часа што ги доловува сјајот и мракот на „градот на гревот“.

„Леон: Професионалец“ (Léon: The Professional)

„Никогаш не сум видел некој со едно отворено око да хрчи толку“.

Кога корумпиран полицаец (Гери Олдман) го убива нејзиното семејство, малата Матилда наоѓа прибежиште кај професионалниот убиец Леон. Помеѓу нив се развива неочекувана поврзаност, додека таа учи од него.

„Дежурни виновници“ (The Usual Suspects)

„Како да го застрелаш ѓаволот во грб? А што ако промашиш?“

Последниот преживеан раскажува како дошло до масакр на брод. Сите жртви имале нешто заедничко – гневот на митскиот Кајзер Созе. Но кој е тој навистина?

„Дони Браско“ (Donnie Brasco)

„Ако сум стаорец, тогаш сум најголемиот глупак во историјата на мафијата“.

ФБИ агентот Џозеф Пистон (Џони Деп) се инфилтрира во мафијата како Дон Браско. Пријателството со мафијашот Лефти (Ал Пачино) почнува да му ја заматува границата меѓу двата одвоени идентитети.

„Божји град“ (City of God)

„Зошто да се вратиш во Градот на Бог, кога дури и Бог заборава на тебе?“

Во фавелите над Рио, банди владеат преку терор. Две момчиња избираат различни патишта – еден станува криминалец, другиот фотограф.

Светот на криминалот како сценографија на човечката душа

Гангстерските филмови не ја глорифицираат моќта, туку ја растураат. Под костумите, под златните синџири, зад пурата и зад револверот, секогаш се крие страв, параноја и немоќ. Мафијашот не е херој, туку човек кој жртвувал сè – љубовта, пријателството, понекогаш и сопствената душа – за нешто што никогаш не може навистина да го поседува.

Од суровите улици на Чикаго до сончевите улици на Рио, од класичниот американски сон на Тони Монтана до меланхоличната исповед на Френк Ширан, овие филмови ни ја покажуваат најсуровата и најискрената вистина за човечката природа. Не затоа што сакаме да ги оправдаме криминалците, туку затоа што преку нив се гледаме себе – во нашите љубов, амбиции, стравови и падови.

Поврзани содржини