НЕ ЈА ПРЕТВОРАЈТЕ БОЛКАТА ВО СЕНЗАЦИЈА Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, ветува дека секогаш ќе биде покрај семејствата од Кочани
Од Владата потсетуваат дека на втората средба со семејствата од трагедијата во Кочани, премиерот лично им изразил сочувство на сите присутни, со низа човечки гестови кои, од етички причини, не сакаат да ги изнесуваат во јавност. Во соопштението на Владата остро се отфрлаат тврдењата дека разговорот бил сведен на фрази како „здраво, како сте?“ и „колку чини?“, бидејќи тоа, како што велат, е неточно, навредливо и грубо ги искривува намерите на Владата.
Владата денеска ги категоризира како „неточни“ наводите што се појавија во некои медиуми поврзани со состанокот со роднините на трагично загинатите во кочанската несреќа. Според официјалното соопштение Владата, станува збор за злонамерно дефокусирање и за злоупотреба на трагичната судбина на семејствата.
„Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења. Ова писмо од родителите и од роднините е потсетник дека мора да се решаваат проблемите и да се демонстрира волја и одлучност да се помогне уште повеќе и уште подецидно“, соопшти Владата.
Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, се додава во соопштението, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и „апелираме да не се прави сензација од средба, наменета за поддршка и сочувство“.
„Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно, како и низа други гестови, иницијативи и работи кои од етички и од човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија бидејќи се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме“, се додава во соопштението.
Сведување на дискусијата на „здраво како сте” и „колку чини” не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, се посочува, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно.
„Истовремено, изразувајќи длабока тага за трагедијата, сочувство и поддршка за семејствата, упатуваме на тоа дека оваа трагедија, овој трагичен и ужасен настан, е болка не само за семејствата, но и за целата држава и нема некој кој не го мисли и чувствува тоа.
Владата ќе биде секогаш тука за семејствата и што се однесува до нашиот ангажман и тоа што зависи од нас, ќе се трудиме да има правда, а и ќе се бориме да се најде некаква утеха ако може, а и секогаш ќе бидеме потпора на семејствата, во нивните потреби, барања и предизвици. Затоа што ова е и наша болка и тага, и тие не се мерат и споредуваат, туку се докажуваат со дела кои ние ги правиме и планираме да ги правиме.
Апелираме да не се злоупотребуваат овие настани и моменти, да не се суди врз база на гнев и на тенденција, а Владата секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции“, се заклучува во соопштението на Владата.