НИШТО НЕ ГИ СПРЕЧУВА ОГНОВИТЕ Четири пожари сѐ уште активни, најлошо е во Велешко и во Бродско

Од Велес до Пробиштип, од Македонски Брод до Василево – огнената стихија не запира! ЦУК предупредува на високи температури и човечки немар, кои ја потхрануваат заканата.

846

Во последниот дневен билтен на Центарот за управување со кризи (ЦУК) се регистрирани 11 пожари. Од вкупниот број пожари, четири се сѐ уште активни, еден е ставен под контрола, а шест се успешно изгаснати со интервенции на пожарникарите, локалните власти и граѓаните.

Најкритично е во Велешко, каде што помеѓу селата Џидимирци, Крушје и Иванковци гори мешана шума, а огнот се шири со голема брзина поради сувото време и ветерот. Слична ситуација се развива и во општина Македонски Брод, каде пожарот меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа каде огнот зафатил деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.






Во Василево, кај селото Нивичино, пламенот зафатил нискостеблеста шума, а на терен се испратени дополнителни екипи поради непристапноста на теренот. Во Пробиштип, пожарот што се проширил меѓу селата Троло и Петришино зафатил нивa со житна култура, што дополнително ја влошува ситуацијата поради брзото ширење на огнот низ сувата пченица.

Од ЦУК информираат дека еден од пожарите е ставен под контрола во општина Дојран, кај селото Николиќ, каде гореше нискостеблеста шума, а брзата интервенција спречила поголеми последици.

– Состојбата е сериозна, особено поради високите температури и човечкиот фактор. Граѓаните мора да бидат внимателни, да не палат огнови на отворено и да пријавуваат секое сомнително движење или чад. Ризикот е зголемен во сите делови на земјата – изјавија од Центарот за управување со кризи (ЦУК), апелирајќи на зголемена претпазливост и одговорност.

Успешно изгаснати се шест пожари во различни општини: кај манастирот Св. Илија во селото Мирковци (Чучер Сандево), каде што горела мешана шума и ниска вегетација; кај наплатната рампа Гостивар и во Тетово, каде изгорела ниска вегетација; во Охрид, каде кај селото Буково горела депонија, а во селото Требеништа се гаснел пожар во природа. Во Куманово, кај селото Умин Дол, пожарот зафатил исто така ниска вегетација, но бил ставен под контрола пред да се прошири кон објекти.

ЦУК најавува зголемен број на пожари во наредните денови, особено поради екстремно високите температури и повремените ветерни удари, кои го поттикнуваат ширењето на огнената стихија.

Поврзани содржини