ПОВТОРНО ПАДНА ФАСАДА ВО КОЗЛЕ Советникот Саракинов бара институционална истрага и системска контрола
Безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет, време е за ревизија на фасадите изведени во времето на Јакимовски, вели советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош.
Координаторот на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош, Христо Саракинов, реагираше по повод новиот инцидент со падната фасада во скопската населба Козле, нагласувајќи дека ситуацијата отвора сериозни прашања за безбедноста на граѓаните и институционалната одговорност.
– Станува збор за сериозен настан кој, за среќа, помина без повредени, но со јасна порака, безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет – порача Саракинов.
Тој потсети дека ова не е прв ваков инцидент, бидејќи и пред неколку години во истата населба, на само неколку стотини метри од новото место, фасада се урнала во речиси идентични околности.
Според Саракинов, станува збор за фасади кои биле дел од програмата за енергетска ефикасност, реализирани во време на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Поради сериозноста на случајот, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ побара институционална постапка за целосно утврдување на причините за овие несреќи.
Во своето обраќање, тој постави неколку клучни прашања:
– Дали изведбата била согласно со сите технички стандарди?
– Кој вршел стручен надзор врз изведбата?
– Дали е потребна итна дополнителна ревизија на слични објекти во општината?
– Апелирам до градежната инспекција да ги разгледа двата инцидента и да даде извештај за нив. Побаруваме од Општина Карпош целосна контрола на сите згради каде што имало фасадни интервенции во последните години – истакна тој.
Саракинов нагласи дека реакцијата не е политичка, туку грижа за секојдневната безбедност на граѓаните.
– Во име на граѓаните, бараме вистина, но и корективен пристап кон грешките од минатото – додаде тој.
Општината сè уште не се има официјално изјаснето за најновиот инцидент, а од граѓаните се очекува со зголемено внимание да ги пријавуваат сите сомнителни состојби околу стамбените објекти.