НА ТРАУМАТОЛОГИЈА СТИГНА НАЈМОДЕРНИОТ РОБОТ ЗА ОПЕРАЦИИ НА МОЗОК И НА РБЕТ Роботската рака работи со милиметарска прецизност, пациентите веќе нема да имаат силни болки
Роботот беше презентиран денеска на Клиниката за трауматологија и претставува напредна технологија што обединува навигација во живо со роботска рака. Таа му овозможува на хирургот прецизно и сигурно да поставува импланти и медицински инструменти. Со тоа се намалува ризикот од грешки, се забрзува закрепнувањето, се скратува престојот во болница и значително се ублажува болката кај пациентите.
Во Македонија пристигна технологија која веќе го менува начинот на кој се изведуваат операции низ светот. Станува збор за „Ексцелзиус ГПС“ (ExcelsiusGPS) – првиот и единствен роботски навигациски систем во светот што овозможува хируршки зафати на рбетниот столб и на мозокот со неверојатна прецизност и сигурност.
Оваа напредна технологија ја носи „Globus Medical“, водечки производител на медицински уреди, со цел да го модернизира здравствениот систем и да понуди врвна нега за пациентите во нашата земја. „Ексцелзиус ГПС“ се користи во водечки болници низ САД, Европа и низ Азија и сега за првпат е достапен и во регионот.
Роботот, чијашто презентација се одржа денеска на Клиниката за трауматологија под раководство на д-р Игор Мерџаноски, комбинира навигација во реално време со роботска рака која на хирургот му овозможува точно и безбедно поставување импланти и инструменти. Тоа значи минимална можност за грешка, побрзо заздравување, пократок престој во болница и значително намалување на болката кај пациентите.
Воведувањето на првиот и единствен роботски навигациски систем во македонските болници би бил голем чекор напред за нашето здравство. Оваа технологија не само што им помага на лекарите да работат побрзо и попрецизно, туку и го подигнува нивото на нега кое го добиваат пациентите.
Водечкиот производител на медицински уреди е отворен за соработка со државни и приватни болници, медицински факултети и институции во државава. Ќе се организираат бесплатни обуки за хирурзи и медицински персонал, како и јавни презентации за граѓаните за да се запознаат со придобивките од оваа технологија.
Првиот и единствен роботски навигациски систем претставува ново поглавје во македонската медицина, а пациентите во државава ќе добијат третман по највисоки светски стандарди.