Големите комплекси на една мала политика

И ден-денс не можам да разберам зошто ние Македонците, со самото свое постоење, ја предизвикуваме бугарската историско-политичка доктрина. Според неа, ние не треба да постоиме или барем не како посебен народ. Бугарскиот национализам, од пред Втората светска војна наваму, се обидува да наметне визија за „една историја, еден јазик, еден народ“ каде што Македонците се само огранок, не и субјект. Оф, оф, оф.... колку е ова некоректно, одвратно и дегутантно.

1,717

Во светот на модерната дипломатија, државите се натпреваруваат со идеи, економија и со влијание. Но, има и такви што и понатаму се водат од митови, фрустрации и од колективни комплекси. Токму таков е случајот со Република Бугарија, членка на Европската Унија која сè повеќе се однесува како заложник на сопствениот историски багаж и сè помалку како рационален европски партнер. Нејзината политика кон Република Македонија најдобро може да се опише како мала политика водена од големи комплекси.

И ден-денс не можам да разберам зошто ние Македонците, со самото свое постоење, ја предизвикуваме бугарската историско-политичка доктрина. Според неа, ние не треба да постоиме или барем не како посебен народ. Бугарскиот национализам, од пред Втората светска војна наваму, се обидува да наметне визија за „една историја, еден јазик, еден народ“ каде што Македонците се само огранок, не и субјект. Оф, оф, оф…. колку е ова некоректно, одвратно и дегутантно.






И дојде време кога оваа нелогична и самореференцијална политика и визија се судри со реалноста, дека постои самостојна држава Македонија и народ со свој јазик, идентитет и култура, која е признаена од целиот свет. Да, да……токму така од целиот свет. За жал Република Бугарија не одговара позитивно на овие факти, туку продолжи да игнорира, омаловажува и да уценува. Тоа не е политика, туку рефлекс на длабок личен и колективен идентитетски страв. Ако тие имаат дилеми или конфузии околу сопствениот идентитет, ние апсолутно немаме. Ние сме тие што сме.

Во контекст на политичка нестабилност, корупциски скандали и јавна апатија, „македонското прашање“ се користи во Бугарија како политички адреналин. Секое покренување на преговорите со ЕУ е дочекано со нови услови, барања, уцени. Овој модел на уцени е веќе препознатлив. Прво барање, па второ, трето…..и понатаму……без јасен крај. Во позадина стои реториката: „Македонија може да оди напред само ако прифати дека е дел од нас“. Тоа не е европска политика, тоа е постимперијална амнезија.

Во таа бесконечна листа на барања се открива суштината на бугарскиот комплекс: ако Македонија продолжи да опстојува и да се развива и понатаму како самостојна, суверена и европска држава и нација, тогаш Бугарија останува сама во својата сопствена празнина. Таа не сака да биде современа држава бидејќи не сака да се откаже од лошиот наратив и намера да ги контролира и диктира самочувствата за припадност на граѓаните на државата сосед.

Оваа политика ја сведува Бугарија на карикатура од самата себе: држава која се повикува на Хан Аспарух и на средновековни царства додека во реалноста се однесува како уценувач на мала соседна земја, која само сака да напредува и да биде еднаква со другите. Тоа е трагична иронија, големи историски тврдења, а мали постапки.

Но, овој спор лично за мене и многумина како мене не е спор, ова е национална негација, историски ревизионизам и идентитетска агресија. Да се молчи пред тоа значи да се поткопуваат самите европски принципи. Жално и непринципиелно е тоа што Брисел ѝ дозволува на Бугарија да ја користи својата позиција за блокада. Македонија, мала (но голема по дух) и економски ранлива држава, е оставена да избира меѓу компромис со сопствениот идентитет и евроинтеграции. Ова секако дека претставува груба политичка вулгарност (народски речено „простотилак“). Бугарија не е ретроградна затоа што не знае подобро, туку затоа што одбива да прифати современа реалност. Тоа е избор, не случајност.

Република Македонија не ја загрозува Бугарија. Напротив, нејзиното постоење само ѝ открива на Бугарија колку малку е сигурна во сопствениот национален наратив и став. Бугарскиот однос кон Македонија е како човек што се навредува затоа што другиот не му се восхитува. Тоа не е надворешна политика, тоа е емотивна незрелост. Бугарија можеби има право на свој став, но нема право на негирање на туѓото постоење. И не може да очекува почитување додека се однесува со ароганција и со аспирација по туѓото. Секоја мала политика што се води од големи комплекси е осудена на изолација. И тоа не е проблем на Македонија, тоа е трагедија на Бугарија.

Македонија не бара повеќе од основното човечко право, да биде тоа што е. Сѐ додека Бугарија ја избира историјата пред иднината, наративот пред фактите, заклучокот пред дијалогот, нејзиниот однос кон Македонија и во очите на светот ќе остане ретрограден, несоодветен и во крајна линија автодеструктивен.

Поврзани содржини