РЕКОРДНИ 20 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ ЗА ИНФРАСТРУКТУРА И ЗА ЛОКАЛЕН РАЗВОЈ Перински нè потсетува што е сработено во изминатата година
Со обраќање во кое се осврна на постигнатото во изминатите 12 месеци, министерот за локална самоуправа Златко Перински подвлече дека оваа година била исклучително значајна за зајакнување на локалниот развој и за отворање нови можности пред општините низ државата.
На самиот почеток, Перински се заблагодари на медиумите за, како што рече, професионалната соработка и точната и навремена информираност на јавноста, што според него е особено важно во период кога Министерството интензивно реализира бројни проекти на терен.
Силна динамика на инфраструктурни инвестиции
Во изминатата година Министерството направило детална анализа на реалните потреби на општините и утврдило дека е потребен сериозен финансиски импулс за локалната економија и за подобрување на инфраструктурата.
Во таа насока, Владата започнала со најголема досега распределба на средства за капитални проекти на локално ниво.
Преку Потпрограмата за инфраструктурни инвестиции, на двата јавни повици што беа распишани, општините поднеле вкупно околу 1.200 проектни апликации. Реализираните инвестиции од овие два повика достигнале околу 20 милијарди денари, што претставува рекорден износ за поддршка на општините.
Во рамки на првиот повик за 2024 година биле одобрени 288 проекти, опфаќајќи различни области како транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика. На вториот повик, кој заврши на крајот на април годинава, биле поднесени 887 проектни предлози од 80 општини, од кои 829 добиле зелено светло за финансирање во вкупна вредност од речиси 14 милијарди денари.
– Високиот одзив е јасна потврда дека оваа мерка беше неопходна и директно одговори на најгорливите потреби на локалните заедници – истакна Перински.
Програми за регионален развој и поддршка на селата
Во исто време, преку Програмата за рамномерен регионален развој, во 2024 и 2025 година се одобрени за реализација 176 проекти насочени кон зајакнување на планските региони, руралните средини и урбаните подрачја со посебни развојни предизвици.
Дополнително, преку програмата за намалување на развојните нерамномерности и унапредување на конкурентноста на регионите за 2025 година, се финансираат 38 нови проекти со вкупна вредност од близу 88 милиони денари.
Министерството, во партнерство со Швајцарската агенција за развој и соработка, успешно заврши и имплементација на 10 регионални проекти во сите плански региони. Меѓу нив се издвојува реконструкцијата на специјализираната болница за нефрологија во Струга, опремувањето на центарот за физикална терапија во „Св. Еразмо“, како и проектот за заштита од пожари во Кумановско-Липковскиот микрорегион и реконструкцијата на Домот за стари лица во Берово.
Дигитализација и законски реформи
Посебен акцент се става и на дигиталната трансформација на општинските услуги. Во соработка со Министерството за дигитална трансформација и преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, се работи на развој на патоказ за дигитализација, како и на каталог на електронски услуги кои треба да станат дел од националниот портал uslugi.gov.mk.
На законски план, финализиран е текстот на измените на Законот за локална самоуправа, преку отворена и транспарентна процедура.
Предложените измени, според Перински, се во согласност со европските стандарди и со препораките на Венецијанската комисија од 2019 година, особено во делот кој се однесува на можноста за отповикување на градоначалници како дел од зајакнувањето на локалната демократија.
Подготовка на општините за поголеми предизвици
Министерството ја заврши и физибилити студијата за формирање Ресурсен центар за поддршка на општините, кој треба да ги подобри нивните административни капацитети, да обезбеди експертиза во управувањето со проекти и да ја забрза дигитализацијата.
Владата веќе го одобри концептот, а за оваа цел се предвидени 5 милиони денари во Програмата за децентрализација.
ЕУ прекугранични проекти и олеснување на комуникацијата со соседите
Преку ИПА инструментите за прекугранична соработка, Министерството ја координира реализацијата на програми со пет соседни држави: Грција, Бугарија, Србија, Албанија и Косово.
Два проекта посебно се издвојуваат по своето стратешко значење — изградбата на граничниот премин Клепало (Берово–Струмјани), кој ќе овозможи полесна трговија и туризам во источниот регион, како и воспоставувањето на преминот Маркова Нога во Преспа, што ќе ја подобри комуникацијата со Грција и ќе го поттикне развојот на локалната економија и туризмот.
Фокусот останува на граѓаните
– Сите овие чекори ги преземавме со една главна цел — да го подобриме животот на граѓаните и да одговориме на нивните очекувања – нагласи на крајот Перински.
Тој додаде дека ова е само дел од поголемите планови и оти Министерството останува целосно посветено на создавање услови за одржлив локален развој.